Детско писмо до непознато другарче во Србија стопли многу срца
- Детали
- петок, 23 мај 2014
Се чини дека не постојат зборови со кои би можело точно да се опише како се чувствуваат луѓето кои се поплавени во Србија и регионот. Многу деца во прегратките на своите родители и спасувачките екипи среде ноќ ги напуштаа поплавените домови кои се уништуваа пред нивните очи.
Со своите љубопитни и исплашени очиња ги гледаа мајките како плачат и загрижено бараат прибежиште бегајќи од куќата само со најнеопходните работи. Меѓу нив нема место за играчки, камиончиња, коцки, мечиња, кукли...
Дечињата се оние кои најмногу страдаат. Но, знаат да бидат и сочувствителни. Не само оние кои страдаат, туку и оние кои тоа го гледаат некаде далеку.
Така, едно мало момче по име Доминик од Самoбор се сетило да напише писмо и како подарок да ја испрати својата играчка за некое непознато детенце кое ја изгубило во поплавите.
Фотографијата со писмото ги обиколи мрежите Фејсбук и Твитер и допре многу срца.
„Драго непознато другарче, јас се викам Доминик. Имам 8 години и живеам во Сaмoбор. Жал ми е што си морал да ја напуштиш својата куќа, па затоа ти ја праќам мојата играчка како мал подарок. Можеби еден ден ќе се запознаеме. Доминик“ – гласи пораката на малото момче.
Овој убав гест на Доминик сигурно ја вратил насмевката на лицето на она дете до кое стигнало писмото, а кај сите други ги врати вербата, љубовта, сочувството и хуманоста.