Чај наместо кафе во новиот „Starbucks“ бар
- Детали
- четврток, 31 октомври 2013
Брендот „Starbucks“ е најпознат по своите вкусни и квалитетни кафиња кои ги има речиси насекаде. Најголема распространетост има во Америка, а сега се очекува уште повеќе да се прошири синџирот, откако се отвори првата„Starbucks“ чајџилница во центарот на Њујорк.
Имено, по увидувањето на главниот извршен директор на „Starbucks“, Хауард Шулц, дека сè почесто посетителите почнале да нарачуваат чај, наместо кафе и откако кон крајот на минатата година „Starbucks“ ја откупи специјализираната мрежа продавници за чаеви, Тевана за $ 620 милиони долари, разумен потег е да почнат да се отвораат и „Starbucks“ чајџилници.
Покрај специјализираните чајни продавници „Teavana“, уште од 1999 година, „Starbucks“ е сопственик и на чајниот бренд „Таzо“.
Она што е интересно е дека во овие чајџилници воопшто нема да се служи познатото кафе, туку исклучиво разни видови чаеви кои ќе чинат од $ 3 до $ 6 долари, како и лесна храна и салати од $ 3 до $ 15 долари.
Покрај новите чајџилници, „Starbucks“ ќе ги откупи и постоечките 300 „Teavana“ продавници кои се сместени претежно низ трговските центри и ќе ги претвори во чајџилници, со цел повеќе да им ги доближи на купувачите, кои не само што ќе можат да избираат од палетата на вкусови и мириси, туку ќе можат и да уживаат во вкусниот напиток на самото место.
Се очекува и чајот да стане вистински тренд, зависност и уживање дури и поголемо од кафето, особено кога е застапуван од бренд како „Starbucks“, кој стана синоним за најпосакуваното кафе.