Пронашле паричник со 600 евра и го вратиле на сопственикот
- Детали
- вторник, 23 јули 2013
Еден маж од Загреб, по име Жељко Крајновиќ е сведок дека сè уште постојат добри луѓе. Неговата приказна започнала кога својот автомобил го оставил на сервис, а само неколку минути подоцна забележал дека неговиот паричник го нема во џебот каде му стоел.
„Вечерта пред тоа седев со пријател во едно кафуле и најверојатно тогаш паричникот ми испаднал од џебот,” раскажува Жељко.
Без размислување се упатил кон кафулето и го побарал својот паричник, но од таму никој не пријавил дека нашол нешто. Искрено, не се ни зачудил, бидејќи знаел дека во паричникот има кредитни катрички, документи и околу 600 евра или поточно 5.000 куни.
Сепак, решил да си ја испроба среќата и во сервисот во кој го оставил својот автомобил.
„Штом прашав дали пронашле некој паричник, момчињата се насмеаа и ми го вратија. Сè беше внатре, и парите, и документите и кредитните картички. Тоа беше прекрасен гест и морам да ги пофалам.“
За награда ништо повеќе не побарале, а Жељко од благодарност ги почестил по еден пијалак.