Сладок пар од Јапонија кој го освои Инстаграм со љубовната приказна и усогласени модни комбинации
- Детали
- недела, 07 април 2024
Вљубени се еден во друг како првиот ден, а со своите модни комбинации го освоија светот.
Професијата инфлуенсер е чест избор на младите луѓе и скоро никогаш постарите не се занимаваат со оваа работа.
Но, бабата и дедото на Инстаграм познати како Бон и Пон рушат предрасуди и се инфлуенсери во вистинска смисла на зборот.
Нивните вистински имиња се Цујоши и Томи Секи и двајцата имаат 64 години.
Станува збор за пресладок пар, кој со своите модни комбинации ги воодушевува следбениците.
Во брак се повеќе од четири децении, поточно 43 години.
Се запознале на фестивал додека двајцата биле студенти на уметност во Токио.
Пред да започнат со инфлуенерската работа, Цујоши работел дизајн и маркетинг, а Томи била посветена на нивната ќерка.
Освен љубовта еден кон друг, нив ги поврзува и љубовта кон уметноста и сличната естетика, што се гледа од нивните објави.
На Инстаграм станале вистинска сензација благодарение на нивната ќерка, која објавила фотографија од нив на својот Инстаграм профил, на која добиле многу позитивни коментари за изгледот, па им предложила да отворат свој профил.
На Инстаграм се потпишани како Bonpon511 по прекарите од детството и датумот на нивната венчавка.
Денес ги следат скоро 900.000 луѓе токму поради нивниот интересен стил, кој го опишуваат како едноставен и пристапен за сечиј џеб.
Речиси секојдневно споделуваат фотографии од нивните комбинации кои секогаш се усогласени, употребуваат впечатливи бои и гардероба со интересни дезени што одговараат на нивниот ведар дух.
Секогаш се насмеани од уво до уво, а благодарение на славата што ја стекнале на Инстаграм ширум светот, лансирале и сопствена колекција на облека и модни додатоци создадени преку дизајнерска соработка со јапонската стоковна куќа Isetan Mitsukoshi.