Семејно насилство, детство во Плејбој вилата – кои се децата на Хју Хефнер и колку пари наследија од него?
- Детали
- петок, 26 ноември 2021
Хју Хефнер има четири деца од кои три можат да се пофалат со мошне успешни кариери, а сите добиле дел од неговото богатство, под услов никако да не користат дрога и алкохол. Поради ова, тие редовно биле тестирани пред да ги добијат парите.
Хју Хефнер е најпознат по магазинот за возрасни Плејбој и лудите забави во неговата Плејбој вила, но во приватниот живот тој бил и грижлив и посветен татко.
Хефнер има четири деца од два брака. Од првиот брак со Милдред Вилијамс, кој траеше од 1949 до 1959 година, тој ги доби синот Дејвид и ќерката Кристи.
Од вториот брак со Кимберли Конрад, со која се венча во 1989 година, Хефнер ги доби синовите Марстон и Купер. Хефнер и Кимберли се разделија во 2010-та, истата година кога тој се вери со Плејбој ѕвездата Кристал Харис.
Интересно е што, за разлика од него, неговите деца се држат понастрана од јавноста и се доста успешни во нивните области, но едно од нив сепак имало проблеми со законот.
Кристи Хефнер
Најстарото дете на Хефнер е ќерката Кристи која е родена во ноември 1952 година. Таа има завршено англиска и американска литература на универзитетот Brandeis, а дипломираше во 1974-та.
Во 1982 година таа почна да работи во фирмата на татко ѝ – Плејбој – а шест години подоцна стана и извршен директор. Кристи беше на функцијата до 2009 година.
Се проценува дека денес нејзиното богатство изнесува околу 30 милиони долари.
Дејвид Хефнер
Второто дете од првиот брак на Хефнер е синот Дејвид кој е роден во 1955 година. И тој има завршено факултет – филмска уметност и дигитални медиуми – на универзитетот во Калифорнија.
За разлика од сестра му Кристи, Дејвид никогаш не работел за Плејбој и наместо тоа си отвори своја консултантска фирма.
Дејвид се проба и како филмски продуцент, а неговиот прв филм ја доби главната награда во 2010 година на фестивалот Dances With Films.
Денес Дејвид има околу половина милиони долари.
Марстон Хефнер
Марстон е првото дете на Хефнер со втората сопруга Кимберли Конрад. За разлика од останатите деца на Хефнер, Марстон е попроблематичен.
Во првите осум години од животот, Марстон живееше во Плејбој вилата – место што воопшто не е погодно за мало дете. И во тинејџерките години, голем дел од времето минувал во познатата вила.
„Како 15-годишно дете, одвреме-навреме гледав голи луѓе. Едноставно, таков е животот кога растете како синот на Хју Хефнер, во неговата сенка“.
Во 2012-та, кога имаше 21 година, Марстон беше уапсен поради семејно насилство. Наводно, тој ја удрил неговата тогашна девојка Клер Синклер, по што мораше да се приклучи на програма против семејно насилство.
Истовремено, доби наредба од судот да не ѝ се приближува на Клер најмалку три години.
Марстон не постигна успех како неговите браќа и сестри, но себеси се нарекува писател и тврди дека има напишано книга за зомбиња која уште не е издадена.
Не е познато колку точно пари има Марстон, но се претпоставува дека неговото богатство изнесува околу 1,6 милиони долари.
Купер Хефнер
Најмалото дете на Хефнер може да се каже и дека е најуспешното. Тој имаше неколку високи функции во Плејбој, основашe своја компанија и беше дел американските воздушни сили.
Исто како брат му Марстон, и тој пораснал во Плејбој вилата, но очигледно ова немало лошо влијание врз него.
Неодамна тој стана и татко откако со сопругата Скарлет Бирн добија близначиња.
Богатството на Купер се проценува на 5 до 10 милиони долари.
Кој го наследи богатството на Хју Хефнер?
По неговата смрт во 2017 година, зад себе Хефнер остави богатство од 35 милиони долари – сума значително помала од очекуваното.
Во златната ера на Плејбој, магазинот вредеше 200 милиони долари, а околу 2000-тите, вредноста порасна до 399 милиони.
Сепак, до 2017-та, Хефнер поседуваше само 30-тина проценти од брендот, па затоа се намали и неговото богатство.
Кратко по неговата смрт, јавноста дозна дека парите биле еднакво поделени помеѓу неговите деца и неговата тогашна сопруга Кристал Хефнер.
Сепак, Холи Медисон, која му беше долгогодишна девојка на Хју, тврдеше дека во тестаментот Хефнер навел дека таа ќе добие 3 милиони долари. Тврдењата не беа потврдени, па на крај парите на Хефнер си ги поделија неговите деца и сопругата Кристал.
Сепак, Хефнер сакал да се осигури дека неговите деца нема да застранат, па поставил необичен услов.
Во неговиот тестамент било нагласено дека доколку кое било од децата почне да користи алкохол или наркотици, нема да добие ништо. Истото правило важело и за сопругата Кристал.
Хефнер бил толку сериозен со оваа одлука, што по неговата смрт сопругата и децата редовно биле тестирани за дрога.
Плејбој вилата, пак, сега е во сопственост на милионерот Дарен Метропулос кој ја купил за 100 милиони долари пред смртта на Хефнер. Сепак, денес куќата е напуштена и е во фаза на распаѓање, а по смртта на Хефнер неколкупати била ограбувана.
Спирова С. | Црнобело