Болниот татко на Бритни Спирс живее во камп-приколка + сестра ѝ тврди дека нема удел во злоупотребата по нападите од јавноста
- Детали
- вторник, 29 јуни 2021
Првпат по сведочењето на Бритни, во јавност се појавија фотографии од нејзиниот татко кој не изгледа најдобро и живее во камп-приколка. Во меѓувреме, се огласи и нејзината сестра која тврди дека нема никаков удел во злоупотребата на пејачката и дека ѝ го мисли само најдоброто.
Во јавност се појавија фотки од таткото на Бритни Спирс, Џејми, првпат по потресното сведочење на пејачката, кој сега живее во камп-приколка.
Џејми се соочува со здравствени проблеми и изгледа навистина исцрпено. Поради операција на дебелото црево и многуте компликации со здравјето, тој привремено е тргнат од „позицијата“ легален старател на Бритни, но уште има голема контрола и влијание врз пејачката.
Наводно, тој живее во приколка откако ја продал куќата во којашто пораснала Бритни, за нешто помалку од 300.000 долари.
Според Page Six, неговата приколка е паркирана до склад, каде што тој чува бројни предмети поврзани со кариерата на Бритни. Во близина има и приколка со логото на неговата кетеринг служба.
Во сведоштвото, Бритни нагласи дека била злоупотребена од татко ѝ поради легалното старателство. Пејачката откри дека тој не ги контролирал само нејзините пари, туку буквално секој аспект од нејзиниот живот.
Заедно со психијатарот на пејачката, ја присилувал да пие лекови, вклучувајќи и литиум, не ѝ дозволувал да стап во брак и, она што можеби најмногу ја згрози јавноста, ја натерал да стави спирала за да не раѓа деца, иако пејачката сака уште еднаш да стане мајка.
Џејми се нема огласено по сведочењето на Бритни, но неговиот адвокат даде кратка изјава:
„Жал му е што гледа дека ќерка му страда и чувствува толку болка. Господин Спирс ја сака неговата ќерка и многу му недостасува“.
Бидејќи Бритни го обвини целото нејзино семејство, фановите веднаш почнаа да ја напаѓаат и сестра ѝ Џејми Лин Спирс. Кратко по сведочењето, 30-годишната Џејми ја исклучи опцијата за коментирање на нејзините Инстаграм објави, но сега реши да го сподели нејзиното мислење за целата ситуација.
На Инстаграм Стори, Џејми сподели неколку видеа на кои се обидува да докаже дека секогаш ѝ го мисли најдоброто на Бритни, но и дека никогаш не ги користела нејзините пари.
„Сама си ги плаќам сметките уште од 10-годишна возраст. Не дека ѝ должам нешто на јавноста, бидејќи сестра ми знае дека ја сакам и дека ја поддржувам… Јас не сум моето семејство. Јас сум своја личност и зборувам за себе“.
Јавноста ја нападна Џејми бидејќи претходно нема прозборено буквално ништо за ситуацијата на сестра ѝ, а сите го протолкуваа ова како знак дека и таа е вмешана.
„Можеби не ја поддржував како што би сакала јавноста, со хаштаг на социјална мрежа, но тврдам дека ја поддржувам сестра ми долго пред да се појави тој хаштаг“, вели Џејми во видеото.
Таа изјави и дека не кажала ништо досега бидејќи сметала дека не треба да зборува сè додека Бритни не одлучи дека е време да ја сподели нејзината приказна со јавноста.
„Но сега, кога јасно прозборе и кажа она што треба да го каже, мислам дека можам да ги следам нејзините стапки и да го кажам она што треба. Не ми е грижа ако сака да избега во некоја шума и да има милион деца, или ако сака да се врати и да го освои светот како многупати претходно, бидејќи јас немам што да изгубам. Оваа ситуација нема влијание врз мене, бидејќи јас сум само нејзината сестра која е загрижена за нејзината среќа“.
Џејми вели и дека е горда што Бритни конечно ја раскажала нејзината страна и дека ако прекинувањето на легалното старателство ја прави среќна, целосно ќе го поддржи тоа.
Најпрво јавноста мислеше дека Бритни само сака да го промени нејзиниот легален старател, но на сведочењето откри дека сака целосно да биде тргнато. Всушност, таа тивко се борела за ова цели седум години.
„Сакам ова легално старателство да заврши – верувам дека е злоупотреба. Сакам да можам да се венчам со моето момче и да имам дете, но легалното старателство не ми дозволува“, изјави пејачката на сведочењето.
Моментално Бритни е на Хаваи со нејзиното момче Сем Ашгари кој, пак, отворено ја поддржува, па дури и го нарече татко ѝ „кретен“ на Инстаграм објава.
Прочитајте повеќе Бритни Спирс конечно проговори: „Се извинувам што лажев дека сум во ред во последните две години – не сум добро“
Спирова С. | Црнобело