Адел живее во палата, а татко ѝ почина во барака: Зошто пејачката со години не зборуваше со него?
- Детали
- среда, 12 мај 2021
Таткото на Адел почина на 57-годишна возраст, а по цела деценија медиумски препукувања, јавни интервјуа и изливи на емоции, никогаш не се смири со својата ќерка и британските медиуми ја пренесуваат тажната приказна за нивниот однос.
Само неколку денови откако Адел го прослави својот 33-ти роденден заедно со 8-годишниот син Анџело и пријателите и со интересна порака на Инстаграм, беше објавена веста дека нејзиниот татко починал од рак на возраст од 57 години.
Претходно, се знаеше дека нејзиниот татко Марк Еванс е болен од 2013-тата година. Исто така, јавно познат податок е дека тој го напуштил семејството кога пејачката имала само 3 години.
Веста за неговата смрт беше објавена во вторникот (11.05.2021), но досега нема официјална изјава или коментар од пејачката. Медиумите пишуваат за отуѓениот однос помеѓу Адел со нејзиниот татко и притоа коментираат за видните разлики во начинот на живот.
Авторката Алисон Бошоф, во колумна за Daily Mail, наведува дека додека Адел живее во куќа вредна 10 милиони евра во Лос Анџелес во САД, нејзиниот татко починал живеејќи во барака во Лантвит Мејџор во Јужен Велс.
Горе: Луксузната куќа на Адел во Лос Анџелес; Долу: барака од паркот каде живееше Марк Еванс
Полубратот на Адел, Камерон, во една прилика коментираше дека односот со нивниот татко „стивнал“ низ годините, но пејачката во повеќе наврати јавно го искажуваше гневот што го носеше кон татко ѝ. Нејзиниот татко даде интервју за The Sun во коешто јавно проговори за својот проблем со алкохолизмот и се обиде да ѝ се извини на пејачката и да ја изнесе својата страна од приказната.
Како што изјави, во 1999-тата година бил „разорен“ откако неговиот татко Џон починал на возраст од 57 години од рак на дебелото црево. По ова, Марк претрпел слом, што негативно се одразило на неговиот однос со Адел.
„Бев во најмрачното место што можете да го замислите. Цело време си мислев: ‘Како може да ѝ го направам ова на Адел?’ Знаев дека ќе ѝ недостасува дедо ѝ, како што ми недостасуваше и мене затоа што тие беа мошне поврзани... Сепак сè што можев да направам е да пијам. Не бев тука за ќерка ми кога требаше да бидам“ - изјави тогаш Марк за The Sun.
Но, ова интервју се чини дека не донесе ништо добро за подобрување на нивниот однос, туку уште повеќе го разори.
Во 2012-тата година за магазинот Vogue таа изјави дека ако некогаш повторно го види татко ѝ ќе му плукне во лице. Оваа видно револтирана изјава на пејачката следеше откако претходно, според неа „тој ја продал“ својата приказна за магазинот The Sun.
„Всушност бев подготвена да се обидам да имам комуникација со него. Тој растури сè. Никогаш нема да слушне повеќе од мене. Затоа што ништо повеќе не ме вознемирува од фактот дека татко ми е подмитен од медиумите. Тоа е како да кажеш: ‘Само пушти ги нека објават тогаш. Не им давај муниција’. Навистина ме налути.
Да се вратиш по 10 години и да речеш: ‘Можеби нејзиниот проблем со мажите е поради мене.’ Ма, од*би! Како се осмелуваш да коментираш за мојот живот?’ Ми зоврива крвта. Постојат и други последици, освен тоа што ќе добиеш малку пари, што ќе ти траат половина година. Ме запрепасти. ‘Ја сакам многу’. Навистина? Зошто ми го кажуваш тоа преку весник? Ако го видам повторно ќе му плукнам во лице“ – изјави тогаш Адел.
Пејачката повторно ги запрепасти сите кога на доделувањето на Греми наградите во 2017-тата година јавно кажа дека не го сака нејзиниот биолошки татко, а наместо тоа јавно му се заблагодари на менаџерот Џонатан Дикинс.
„Му благодарам на мојот менаџер затоа што овој „камбек“ каков што беше, беше во целост негово дело. И ти го спроведе неверојатно и ти должам сè. Заедно сме 10 години и те сакам како да си ми татко. Те сакам премногу. Не го сакам татко ми, тоа е така. Тоа не значи многу. Но, те сакам, како што би го сакала татко ми“ - изјави тогаш Адел.
По ова јасно е дека пејачката никогаш не го подобри односот со нејзиниот татко, иако Еванс во неколку наврати се обидуваше да каже дека комуницираат. Тој неколкупати јавно по дијагнозата на рак се обиде јавно да ја повика пејачката да му обрне внимание, но таа не попушти.
Тој во последните неколку години јавно ѝ се извинуваше на пејачката и се обидувал да стапи во контакт со неа преку нејзините менаџери ѝ се јавувал постојано, но не добил никаков одговор.
Адел пораснала заедно со нејзината мајка Пени Адкинс (51) во Лондон, но пејачката имала контакт со татко ѝ додека била мала за време на летниот распуст.
Тие го поминувале времето заедно во Јужен Велс од каде што потекнува тој. Сепак, тој јавно изјави дека додека Адел била мала, тој не помагал финансиски, освен кога бил во можност.
Инаку, Марк и мајката на Адел, Пени, се запознале во 1987 година во паб во Лондон. Таа почнала врска со него, а била во шок кога само по две недели од врската дознала дека е бремена.
Наместо да оди на Универзитет каде сакала да студира уметност, Пени се одлучила да го зачува бебето. На 18 години ја родила Адел, а го напуштила домот за да живее во социјален стан.
Марк во тоа време имал 25 години. Иако тој и Пени се обиделе да останат во врска, сепак немале многу заеднички работи, поради што се разделиле кога пејачката имала 3 години.
Адел претходно велеше дека нејзиниот татко никогаш не бил присутен, но нагласи: „Во ред е, не чувствувам дека пропуштам нешто.“
Како што појасни, мајка ѝ и помогнала да ја негува љубовта кон музиката и ѝ помогнала да ги направи првите чекори како пејачка, и тие отсекогаш биле премногу блиски.
Кога пејачката имала 14 години таа почнала да оди во училиштето Brit во Кројдон, а на 16 години веќе имала свои менаџери. Во тинејџерските години откако го постигна договорот за албум, се обиде да живее сама во изнајмен стан во Нотинг Хил во Западен Лондон. Но, само по неколку месеци, се вратила во скромниот дом во Западен Норвуд, да живее заедно со нејзината мајка и таму го напиша својот прв хит албум 19, што беше објавен во 2008-мата.
Тогаш таа изјави: „Пак живеам со мајка ми. Ми недостасуваше многу и не можев да функционирам без неа. Таа ми е најдобар пријател.“
Кога се стекна со светска слава, пејачката јавно ѝ се заблагодари на мајка ѝ на доделувањето на Греми наградите во 2012.
Таа наводно ѝ купила на мајка ѝ куќа вредна околу 700.000 евра во Лондон. Инаку, мајка ѝ досега ниту еднаш не дала интервју или некаква изјава за пејачката. Таа стои зад одлуката на пејачката дека приватноста треба да се држи подалеку од очите на јавноста.
Б. С. Б. | Црнобело