Ведрана Рудан без влакна на јазикот испрати отворено писмо до Северина: „Избришете ги солзите и тргнете во војна против змиите!“

Ведрана Рудан, 70-годишната хрватска новинарка и писателка која во родната земја е позната како бестрашна жена без влакна на јазикот и за која зборот цензура не постои во речникот, ѝ испрати отворено писмо на Северина откако пејачката го изгуби старателството врз 7-годишниот над Александар.

Vedrana-Rudan-Severina-otvoreno-pismo-01.jpg

Тргнувајќи од сопствените горчливи искуства и борбата против неправедниот систем во Хрватска, Рудан ја советува Северина да ја крене главата високо и да се бори против змиите кои се продале за грст долари, алудирајќи на корумпираниот систем и судството во Хрватска:

Госпоѓо Којиќ,

Гледам плачете, гледам, се чудите затоа што ви го одземаа детето. Јас, помалку славна, поминав сличен пат.

Дамнешната 1988 година одлучив да го напуштам сопругот. Живеевме во заедничка куќа. Уште на почетокот тој ми даде до знаење дека за куќата ќе се бори до крај. Тогаш не знаев што е тоа „крај“. Дознав во 2017 година.

29 години се борев за да дојдам до делот од заедничката куќа која беше регистрирана на моето име. За среќа, адвокатот сите тие години ме застапуваше бесплатно. Ако морав да ги платам трошоците, никогаш немаше да дојдам до својот дел. Благодарам, Синиша.

Куќата ја напуштив со торбичка во раката. Децата останаа со него, бидејќи немавме каде да одиме. Сите соседи, непознати и поранешни пријатели ме прогласија за „курва“. Се осмелив да си го земам животот во свои раце, да продолжам понатаму без него, да го одберам самата својот пат.

Изнајмив станче во поткровје. Преку врски. Никој не сакаше да ми изнајми стан кога слушна дека имам две деца. Познати, непознати, поранешни пријатели, беа згрозени зошто сум заминала со љубовникот и сум ги „оставила“ децата. Наместо да останам со насилникот и да чекам да ми ја искрши главата.

Со Центарот за социјална работа во Риека имав супер среќа, бидејќи мојот „случај“ го доби маж. Никогаш нема да го заборавам. Тогаш научив, слушајќи ги приказните на моите „колешки“, кои имаа помалку среќа, дека жена на жената е жена.

Човекот ми го спаси животот. Тој ми рече, тоа првпат во животот го слушнав, дека имам право на избор, дека сум добра мајка, дека децата еден ден ќе сфатат и дека нема потреба толку страшно да се чувствувам виновна.

Се чувствував виновна што им го „уништив животот“ на децата, дека им го одземав нивниот „татко“. Сега веќе тие со години живеат опуштено без него, веќе со години, ниту го слушаат, ниту го гледаат, го направив тоа што мажените, „пристојните“ жени и мајки не го прават: помеѓу новиот живот и пеколот, јас избрав не нов живот, туку живот.

Во тоа време, ќе повторам, беше 1988 година, мажот кој го напуштате можеше да одбие развод. Мојот го направи тоа. Се бореше против разводот затоа што ме „сакаше“. На суд, тој побара да се вратам „дома“, кај него и моите деца, иако друга жена веќе живееше со него во нашиот „дом“. Судијката, сепак, нè разведе.

Од моите лични работи, ја зедов облеката, перницата и покривачот, и заминав едно утро кога воздухот беше „чист“. Неколку дена подоцна, се осмелив да одам по метар дрво. „Украдов“ дрва од сопствениот двор што го купив со сопствени пари, син ми држеше стража. Пеев во малиот камион додека пријателот и јас го возевме „украденото“ кон мојот потстанарски стан, среќна што не ме фати „на дело“ и не ми ја искрши главата.

Дури и денес, некои ме нарекуваат „курва“ поради бегањето од дома и „напуштањето“ на децата кои со години не го виделе „таткото“. Не ме погодува тоа. Знам каде живеам, знам дека сум добра мајка, знам дека имам прекрасни деца и прекрасно внуче и добар сопруг, знам дека сум среќна. Среќна сум затоа што имав храброст да се борам и против „соседите“ и против „пријателите“ и против „системот“.

Никој во оваа земја не е на страната на жената. Како што беше пред 40 години, така и остана. Денес е уште полошо затоа што и црквата се вклучува во ловот на „курвите“.

Г-ѓо Којиќ! Зошто солзи? Токму тоа него го „пали“. Зошто се чудите на пресудата? Живееме во Хрватска. Не ја знаете моќта на парите? Не знаете колку женската омраза може да биде огромна кога жената ќе почувствува дека некоја друга жена би можела да ги фрли оковите во кои таа самата се мачи?

Госпоѓо Којиќ, како не разбирате? Сите се против вас. Порталите, соседите, таблоидите, судовите, системот, жените, жените, жените. На страната на вашите противници се и огромните пари вложени во вашиот прогон.

Г-ѓо Којиќ, вие сте вештерка која треба да се згази, да ја претворат во бара од солзи. Треба да бидете уништени и засекогаш лишени од вашето право да го видите вашиот син затоа што сте „луди“. Ако бевте „нормални“ во некој камен замок ќе гледавте „Задруга“, ќе лакиравте нокти и ќе си пеевте под брадата.

Г-ѓо Којиќ, кога ве гледам како плачете се прашувам, каде е Северина? Северина која лета во воздухот, Северина која пее пред илјадници луѓе, Северина која не плаче дури и кога целата женомразачка Хрватска се крева на нозе против неа.

Северина! Испратете ги по ѓаволите сите оние одвратни женки кои ’ржат на вас. Нека одат по ѓаволите и сите напалени мажјаци кои ве мразат затоа што не можат да ве зграпчат. По ѓаволите и тој, кој овие денови свршува затоа што „победил“. Не, немојте да ги избришете солзите и да ја развлечете устата во насмевка поради мене. Јас сум спасена. Направете го тоа заради неколкуте десетици илјади Хрватки кои не се Северина, а кои минуваат низ истата работа.

Одржете го концертот во Загреб! Блескајте и во Љубљана! Бидете Северина, бидете голема мајка на малиот Александар кој еден ден на вас ќе биде горд, ако ја добиете оваа битка. А, ќе ја добиете.

Ете, сестро, никогаш не сум ве видела, не ги слушам вашите песни, не одам на вашите концерти, но сум на вашата страна. Вие сте една од нас. Стиснете ги убавите заби, избришете ги солзите и тргнете во војна против змиите кои се продале за грст долари.

Оригиналниот текст може да го прочитате тука.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Биолошкиот син на Мадона побегна од неа на 15 години и остана со татко му – во какви односи се денес... Го носеше со себе на турнеи, па тој ѝ побегна и си замина кај татко му. Односот ...
8 славни жени кои решија да станат мајки по 40-тата година Хилари Свонк остана бремена на 48 години, Наоми Кемпбел доби син со сурогат мајк...
Имал 14 години кога ја запознал, а таа 25 – Љубовната врска на Лиам Пејн со мајката на неговиот син ... „Нема поента да се трудиш да бидеш татко кога немаш што да го научиш детето“. Ов...
Зошто Анџелина не сака да се разведе од Бред Пит, откако биолошката ќерка ѝ го сврте грбот? Бред Пит повторно сака да стане татко и се надева дека во 70-тите години кога ќе...
Анџелина Џоли разочарана: Биолошката ќерка ѝ го сврте грбот – ќе се сели кај татко ѝ Шајло Џоли Пит во мај годинава ќе наполни 18 години, а планира да се пресели кај...
Адријана Лима: „Критиките за изгледот ми се смешни, немам 16 години, туку 42“ „Бев шокирана кога ги видов најновите фотки од мене, си помислив дека тоа не сум...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg