Од мемоарите на Елтон Џон: „Мајкл Џексон беше ментално болен“
- Детали
- понеделник, 14 октомври 2019
Во неговите нови мемоари, сер Елтон Џон изјави дека кралот на попот, Мајкл Џексон, бил ментално болен.
Британскиот пејач се спријателил со Мајкл на почетокот од неговата кариера. Но, сега призна дека низ годините, почнал да се загрижува за начинот на кој Мајкл почнал да се изолира од светот.
„Го знаев Мајкл уште кога имаше 13 или 14… Беше најслаткото дете што можете да го замислите“, напиша пејачот.
„Но, во еден момент, почна да се изолира од светот и од реалноста, исто како што правеше Елвис Присли. Бог знае што му се вртело низ главата и Бог знае со какви лекови бил клукан, но секој пат кога го гледав во подоцнежните години, мислев дека кутрото момче го изгубило умот.“
Елтон додава и дека ова го мисли навистина сериозно. Наводно, Мајкл имал толку сериозни проблеми со менталното здравје, што понекогаш неговото друштво било вознемирувачко.
Елтон се присетува и на настан, за време на некоја негова забава. Наводно, Мајкл се изгубил од забавата и подоцна го нашле како си игра со детето на слугинката.
„Поради некоја причина, изгледа како да не можеше да се справи со друштвото на возрасните.“
Мајкл Џексон се предозира со лекови во 2009-та година, што беше и причината за неговата смрт.
Пејачот постхумно беше обвинет за педофилија, од двајца мажи кои биле негови пријатели.
Автобиографијата на Елтон Џон ќе биде објавена овој месец и е со наслов Me: Elton John Official Autobiography.
Спирова С. | Црнобело