Кирк Даглас и Ана: Најубавата холивудска љубовна приказна која трае 65 години
- Детали
- сабота, 14 септември 2019
Можеби најубавата љубовна приказна на сите времиња е онаа на легендарниот актер Кирк Даглас и неговата сопруга Ана Бајденс.
102-годишниот Кирк и 100-годишната Ана се запознале во 1953-та година, додека Ана била ангажирана како двојник во филмот Lust for Life.
Актерот бил воодушевен од убавината и интелектот на Ана, па веднаш ја поканил да им се придружи него и на пријателите на ручек. Во тоа време, илјадници жени сонувале за ваква понуда, но Ана го одбила. Всушност, таа била првата жена што го одбила.
„Таа беше ’најтешката‘ жена што сум ја сретнал кога било. Се сметав за ѕвезда, за неодолив маж, но таа само студено ми одговори: ’Благодарам, но уморна сум. Извини‘ и си замина“, изјавил Кирк подоцна.
Првото нешто што го почувствувал било гнев. Не му било јасно како може да биде одбиен, но сепак не сакал да се откаже од Ана.
Ана го одбивала Кирк неколку пати, па тој почнал да се прашува што прави погрешно.
„Престанав да глумам романтичен херој и повеќе не се обидував да ја восхитам. Престанав да зборувам за себеси почнав да слушам што таа има да каже. Тогаш почна вистинската љубовна приказна“, напишал Кирк во неговите мемоари.
Кирк го дал најдоброто од себе за да ѝ докаже на Ана дека не е арогантен маж кој само сака да спие со неа.
Па наместо на вечера и во хотел, тој ја однел на добротворен концерт и на циркус.
„Тоа е она што ме освои кај него, непредвидливоста. Не беше само смешно и забавно, туку видов и дека Кирк може да биде сосема поразлична личност. Она што беше најважно, тој беше способен за нешто што никогаш не би го очекувала, во позитивна смисла“, изјавила Ана.
Парот се венчал една година подоцна, во 1954-та година. Постојано додека биле заедно, Кирк ѝ пишувал љубовни писма.
Пишувал секој ден и пишувал каде ќе стигне. Ѝ пишувал колку му недостасува и како сонува дека Ана ќе биде покрај него секој ден од неговиот живот.
„Драга и сакана моја! Далеку сум и срцето ми е скршено од болка. Не можам да живеам без тебе. Ни еден ден, ни една минута. Се будам пред зори за да ти напишам колку те сакам. Без тебе сè е празно. Без тебе сум осамен. Како човек може да живее сам? Тоа значи да си мртов. Од некоја страна, можеби и ми е мило што сме малку разделени, бидејќи растојанието ме натера да сфатам колку всушност ми значиш“, напишал Кирк во едно од неговите писма.
Со текот на времето и Ана сфатила дека Кирк е всушност љубовта на нејзиниот живот.
Врската на Ана и Кирк имала многу искушенија. Ана добила рак на дојката, а Кирк паднал во депресија и доживеал мозочен удар од кој никогаш не успеал целосно да закрепне. Заедно преживеале и една од најголемите трагедии што може да ги снајде – изгубија еден син.
Сепак, ништо не можело да ги раздели. Кирк и Ана останаа заедно повеќе од шест децении, а секоја година само повеќе се вљубуваат еден во друг.
Спирова С. | Црнобело