Познати личности кои отвoрено прозбореле за своето ментално здравје
- Детали
- вторник, 13 август 2019
Денес менталното здравје е можеби најголемиот проблем кај луѓето и тоа многу почесто кај младите, но за среќа, сè повеќе луѓе почнуваат отворено да разговараат на оваа тема.
Голем број познати личности ги користат социјалните мрежи за да ги споделат нивните искуства и да покажат дека не сте сами.
Понекогаш е тешко да заборавиме дека и познатите се само луѓе со свои искуства, неуспеси и проблеми.
Но благодарение на нивната отвореност, можете да научите нешто повеќе и за себе доколку сте се нашле во иста ситуација.
Па, погледнете што имаат да кажат неколку познати личности за важноста на менталното здравје:
Селена Гомез
Растењето пред камера и очите на јавноста си има свои негативни страни. Пред да ѝ се влоши состојбата во 2016-та година, Селена неретко споделуваше фотографии од нејзините турнеи на кои изгледаше совршено среќна.
Но, подоцна откри дека воопшто не се чувствувала така:
„Турнеите се навистина осамено место за мене. Мојата самодоверба страдаше. Бев депресивна, анксиозна. Почнав да имам панични напади пред да се качам на сцената, или веднаш после настапот.“
Во 2016-та година Селена сфати дека нејзиното ментално здравје е најважно, па реши да оди во институција.
„Не знаете колку е неверојатно е да се биде со шест девојки, вистински луѓе, на кои не им беше грижа која сум, кои се бореа за нивните животи. Тоа беше најтешкото нешто што го направив, но и најдоброто.“
Аријана Гранде
После трагичното бомбардирање на нејзиниот концерт, смртта на нејзиното поранешно момче и откажувањето на свршувачка со Пит Дејвидсон, Аријана се соочи со многу проблеми.
Во 2018-та година отворено зборуваше за тоа како терапијата ѝ помогнала да го надмине овој период. Еден фан дури прашал кој е нејзиниот терапевт и дали прима нови клиенти на што Аријана одговорила:
„Искрено терапијата ми го спаси живот толку многу пати. Ако ти е страв да побараш помош, нека не ти биде. Нема потреба постојано да трпиш болка и можеш да ја надминеш траумата. Има многу работа, но добар почеток е да бидеш свесен дека тоа е возможно.“
Џастин Бибер
Во 2019-та година, Џастин отворено прозборе за неговото искуство со депресијата:
„Бев навистина депресивен на една турнеја. Немам зборувано за ова и сè уште размислувам за многуте нешта што ги немам кажано. Бев осамен. Ми беше потребно време.“
Во април оваа година, пејачот објави и селфи со натпис:
„Терапија. Супер е да имате здрав ум и здрави емоции.“
Деми Ловато
Во 2017-та година Деми се отвори за нејзиното биполарно нарушување, проблемите со исхраната и злоупотребата на супстанци. Пејачката истакна дека вежбањето навистина ѝ помогнало.
„Теретаната навистина помага и знам дека ќе бев на многу мрачно место без неа. Вежбањето ми е како медитација бидејќи не се фокусирам на ништо друго. На патување сум да откријам како изгледа да се ослободиш од сите демони.“
Во 2018-та година Деми се предозира – настан кој речиси ѝ го одзема животот. Оттогаш таа реши приватно да се фокусира на нејзиното оздравување.
Бијонсе
Бијонсе има изјавено дека е перфекционист, но открила начин како да ја насочи таа енергија на здрав начин. Таа објаснила дека го заменила перфекционизмот со цел.
„Не е најважна совршеноста. Важна е целта. Сите треба да се грижиме за нашите тела и за она што го ставаме во нив. Ние жените треба да се фокусираме на нашето ментално здравје – одвојте време за себе, за духовното, без да се чувствувате виновно или себично.“
Лејди Гага
За време на посета на засолниште за бездомници од ЛГБТ заедницата, Гага се отвори за нејзиниот посттрауматски стрес и за тоа како медитација и терапијата ѝ помогнале.
„Медитацијата ми помага да се смирам. Ги немам истите проблеми како и вие, но имам ментална болест и се борам со неа секој ден.“
Спирова С. | Црнобело