Славни парови кои раскинаа во 2018 година - едни како пријатели, други со бришење од живите
- Детали
- петок, 21 декември 2018
Ако изминатите дванаесет месеци не ви се посреќи на емотивен план, не бидете разочарани во љубовта. Истото им се случи и на вашите омилени ѕвезди, кои тажно или срамно ги прекинаа своите романтични врски.
Првите тврдеа дека се разделуваат во мирен тон и засекогаш ќе останат пријатели. Вторите, пак, јавно го искажаа анимозитетот, бришејќи ги довчерашните партнери, како од животот, така и на социјалните мрежи.
По чии љубовни драми ќе се паметат изминатите дванаесет месеци? Ова се дел од славните парови кои раскинаа во 2018 година:
1. Зејн Малик и Џиџи Хадид
По скоро две години и половина заедно, младата љубовна двојка го прекина односот во месец март. Раскинувањето беше евидентно болно искуство за обајцата. Зејн Малик ги отследи Џиџи Хадид и нејзината мајка на Инстаграм. Пејачот и манекенката си се заблагодарија еден на друг, како и на поддршката од фановите, пишувајќи емотивни статуси на социјалните мрежи.
„Вечно ќе бидам благодарна за љубовта, времето и животните лекции кои ги споделивме јас и Зејн. Му посакувам сѐ најдобро и ќе продолжам да го поддржувам како пријател за кого имам неизмерна почит и го сакам.“. А, ниту музичарот не ѝ остана должен за пофалби на бившата девојка. „Таа има неверојатна душа.“. Добрата вест е дека гулапчињата одново се пар.
2. Аријана Гранде и Пит Дејвидсон
Нивната брзоплета романса и свршувачка заврши подеднакво неочекувано и како што започна. Пит Дејвидсон потврди дека се вериле со Аријана Гранде во месец јуни, при гостувањето во телевизиската емисија „The Tonight Show“. А, веќе во октомври пукна тиквата меѓу двајцата.
Иако глумеа дека си посакале сѐ најдобро, очигледно не било така. Тој подоцна ја блокираше пејачката на социјалните мрежи, па изјави дека го возбудувало што била сексуално вознемирувана, за на крајот да се подбива на нејзина сметка со шовинистички шеги. Ужасно, зарем не?
3. Илон Маск и Амбер Херд
Mилијардерот и екс сопругата на Џони Деп првин се разделија лани во месец август, после едногодишно забавување како двојка. Илон Маск и Амбер Херд ѝ дадоа втора шанса на љубовта пет месеци подоцна, ама нивното помирување беше со краток век.
Дефинитивно раскинаа во февруари, но останаа во пријателски односи до денес. Според блиски извори на двојката, одлуката била заедно донесена. „Илон реши дека е време да се заврши врската, а Амбер се согласи со него. И двајцата си значат еден на друг. Едноставно моментот не беше вистинскиот.“
4. Карди Би и Офсет
По една година помината во брак и ќеркичката што ја добија заедно, славниот пар неодамна се раздели. За да им ја објасни ситуацијата на фановите, Карди Би се огласи со изјава на Инстаграм. „Не е по ничија вина. Претпоставувам дека едноставно ја надраснавме љубовта, па не сме повеќе двојка.“
Од друга страна, моделката Самер Бани се извини за улогата што ја одиграла во раскинувањето на пејачката и сопругот. „Имам храброст да ги признаам своите грешки, а во конкретната ситуација, јас сум виновната. Гледајќи ја болката на друга жена не ми причинува радост, ниту мислам дека е смешно. Откако му се роди дете, не се плеткам веќе со Офсет. Не знаев колку е сериозен нивниот брак. Се чувствувам засрамено.“
5. Ченинг Татум и Џена Деван
Холивудската двојка го шокираше светот во месец април, кога соопштија дека се разведуваат по девет години во брак, споделувајќи заедничка изјава на Инстаграм. Ченинг Татум и Џена Деван со месеци претходно не функционирале добро, на општо изненадување на јавноста, во чии очи важеа за совршен пар.
Во интерес на ќерката Еверли, тие го задржаа достинството при разделбата: „Со години се љубеме и имавме магично искуство заедно. Апсолутно ништо не се промени во начинот на кој се сакаме еден со друг, но љубовта е прекрасна авантура, а сега нѐ води по различни патеки.“
6. Кортни Кардашијан и Јунес Бенџима
По низата скандали за прељубнички афери, како и сексистичките коментари на Инстаграм, најстарата сестра од фамилијата Кардашијан стави точка на врската со четиринаесет години помладиот дечко.
Во септември имаше навидум некакви шанси за помирување, но откако во јавноста исплива информацијата дека Лука Сабат е новиот љубовен интерес на Кортни, дефинитивно стана јасно дека Јунес Бенџима не е повеќе во игра.