Омилените доктори на ѕвездите: Како изгледаат најбогатите естетски хирурзи во светот?
- Детали
- петок, 27 јули 2018
Благодарение на нивните вешти раце, клиент(к)ите го добиваат лицето и телото од соништата. Додека за корекциите на славните личности везден се зборува и пишува, малку се знае за ликот и делото на моќниците кои се заслужни за ваквите промени.
Во нивната ординација доаѓаат мноштво познати фаци, кои не штедат пари кога е убавината во прашање. Од зголемување на градите или задникот, па до намалување на носот или липосукција, омилените доктори на ѕвездите имаат полни раце работа.
Но, сте се запрашале ли како тие изгледаат? Кој е „виновникот“ за големите усни на Кајли Џенер? Во чија ординација богатите и славните чекаат ред? Кого буквално го обожава семејството Кардашијан?
Ова се дел од најбогатите естетски хирурзи во светот:
1. Доктор Гарт Фишер
Специјалност на хирургот се „екстремните трансформации“. Во истоименото реално шоу, докторот Гарт Фишер изведуваше операции за отстранување на вишокот кожа од телото, поради драстично намалување на тежината со диети или вежби.
Имаше плодна соработка и со семејството Кардашијан во минатото. Приватноста на клиентите му е на прво место, ама обожава да се дружи и излегува со славните личности. Меѓу нив се поп дивата Мараја Кери и старлетата Кајли Џенер.
Неговото богатство се проценува на 15 милиони долари.
2. Доктор Леонард Хохштајн
Тој има руско потекло, а живее на американска адреса. Докторот Леонард Хохштајн е стациониран во Мајами, каде ужива статус на експерт за силикони. Го нарекуваат „бог на градите“.
Дејноста ја промовира и на социјалната мрежа Инстаграм, каде на потенцијалните клиентки им ја демонстрира издржливоста на имплатантите. Соработува со манекенки, топ модели и плејбој зајачици. Во слободното време, пак, ужива во егзотичните патувања со сопругата.
Неговото богатство се проценува на 20 милиони долари.
3. Доктор Симон Оуриан
Можеби неговото име вам не ви звучи познато, ама затоа е и тоа како познато во елитните кругови. Омилен хирург им е на најпопуларните фаци во моментот. Погодете кој е „виновникот“ за озборуваните усни на Кајли Џенер?
Да, тие беа дело на докторот Симон Оуриан, иако старлетата долго време тврдеше дека заслужни се моливчињата за исцртување на устата. Семејството Кардашијан го обожава, па својата доверба му ја дадоа и сестрите Клое и Ким, за кои вели дека точно знаат што сакаат и ужива да работи со нив.
Проценката на неговото богатство е недостапна. Сепак, имајќи предвид дека омилената интервенција на Кардашијанови чини околу 20.000 долари, лесно е да претпоставите дека му падна секирата во мед.
4. Доктор Роберт Реј
Тој е можеби докторот што највеќе ужива да биде во центарот на вниманието. Учествуваше во телевизиски емисии, даваше интервјуа за магазини, па дури и снимаше реклами.
Следниот маркетиншки потег на докторот Роберт Реј е објавување на книга, каде ќе ги обелодени сите „тајни“ процедури на познатите клиенти. Покрај ѕвездите од шоу бизнисот, има работено и со спортисти и жени на политичарите, чиишто имиња засега ги чува во строга тајност.
Неговото богатство се проценува на 15 милиони долари.
5. Доктор Кевин Сендс
За разлика од претходниците, тој не се занимава со пластични операции на лицето и телото, туку е главен и одговорен за блескавите холивудски насмевки. Ѕвездената листа со пациенти на популарниот доктор Кевин Сендс е навистина импресивна.
Замислете си забна ординација каде чекаат ред имиња како Џастин Бибер, Хејли Болдвин, Кендал Џенер, Кајли Џенер, Крис Џенер, Амбер Роуз, Виз Калифа, Тревис Скот и Парис Хилтон. Брачниот пар Ким Кардашијан и Канје Вест, пак, дури и го „поткупија“ со Yeezy патики на подарок.
Неговото богатство се проценува на 4.5 милиони долари.