Роби Вилијамс проговори за депресијата и за новата болест со која се соочува
- Детали
- четврток, 14 декември 2017
Роби Вилијамс откри дека кога тој се борел со депресијата таа воопшто не била призната како болест и бил присилен сам да се справува со неа како знае и умее.
Роби Вилијамс ги откажа двата последни настапи од неговата европска турнеја во септември, откако докторите му открија некои абнормалности во мозокот и го испратија во болница.
43-годишниот пејач призна дека бил збунет и исплашен кога не можел да дише зад сцената пред неговиот настап во Цирих, комплетно изгубил сила во неговата лева рака и се тресел. Главоболката и борбата да дојде до здив ги опишува како пеколни.
Сепак, тој успеал да го издржи концертот, но на испитувањата на крвта направени потоа и низата скенирања на срцето и мозокот му откриле некои абнормалности и нешто што изгледало како крв на мозокот.
По една седмица испитувања докторите го испратиле на 2-месечно домашно лекување во неговиот дом во Лос Анџелес.
Роби призна дека ова му било повик за будење да сфати дека не е непобедлив и да започне да се грижи за себе и изрази длабоко жалење до фановите што не успеал да ја заврши како што треба турнејата.
„Сега сум веган, вежбам пилатес секој ден, јога и во неделите се честам со голем бургер. Уште не сум сосема добро, но оптимистичен сум дека ќе закрепнам“, изјави Роби.
Инаку пред некое време пејачот проговори и за борбата со депресијата.
„Мојата професија е навистина лоша за моето здравје. Ќе ме убие, освен ако не започнам да гледам на неа на малку поинаков начин. Депресијата ја има во моето семејство, но не знам дали ќе бев ментално болен без славата. Мислам дека немаше да биде толку лошо и моќно ако ја немав славата“, изјави Роби кој дополни дека луѓето од целиот свет со внимание го гледаат преку лупа, па така и неговите проблеми изгледаат поголеми.
„Депресијата не постоеше во времето кога јас се борев со неа. За среќа, сега сме во ново време и се зборува за тоа вистински. Кога бев во депресија се чувствував сè повеќе и повеќе изолиран бидејќи ми кажаа само да продолжам. Не знаев што се случува. Не знаев дека тоа има име – анксиозност и депресија и појдов на ролеркостерот од дрога и алкохол. Маската дека не ми е ништо направи речиси да ме снема од тука. Одев на рехабилитација многу пати.“
Тој додаде дека сопругата Ајда му е огромна поддршка во секоја пригода, па така верува дека и овојпат покрај неа ќе биде добро.
С. С. | Црнобело