Љубовна лекција од Клое Кардашијан: Како знам дека тој е вистинскиот маж?
- Детали
- сабота, 16 декември 2017
Што за вас подразбира поимот „вистински“ маж, кога станува збор за љубовта? Популарната ѕвезда на реалното шоу си поставува три прашања, со кои го идентификува идеалниот партнер. Доколку не одговори потврдно на секое од нив, таа не е спремна на компромиси.
Мноштво жени сметаат дека љубовта на нивниот живот е мажот во кој тие се вљубени до уши.
Но, доколку сакате навистина хармонична врска, важно е да ги прескокнете површните причини, односно идеализирањето на партнерот покрај кого никогаш нема да бидете среќни.
Наместо на нив, потребно е да размислите за вистинските вредности, како што се лојалноста, големото срце и начинот на кој партнерот се снаоѓа во тешките ситуации.
Тоа најдобро го знае Клое Кардашијан, членка на семејниот клан што доминира на телевизиските екрани последната деценија.
Таа нема(ше) среќа во љубовта. После турбулентниот брак со кошаркарот Ламар Одом, кој ѝ се заколна на вечна љубов, а потоа им се оддаде на пороците, влезе во уште една нестабилна врска со раперот Френч Монтана.
Денес, пак, Клое повторно љуби, а се чини дека е посреќна од кога и да е. Последниот избраник ѝ е 26-годишниот Тристан Томпсон, со кого ужива во врска полна со романтика и нежност.
Гледачите на реалното шоу „Keeping Up With The Kardashians“ може да потврдат дека со нејзиниот избор се сложуваат и сестрите на Клое – Ким и Кортни.
Медиумите се полни со написи и за наводната бременост на ѕвездата, но 33-годишната Клое сѐ уште ги нема потврдено.
Задоволна во моменталната врска со помладиот Тристан, таа почувствува потреба да им се обрати на обожавателките кои ја следат на нејзината апликација, објаснувајќи им ја својата нова љубовна филозофија.
За да дознае дали мажот со кого е во врска е вистинскиот, сега Клое си поставува три прашања. И, не се согласува на ништо помалку од тоа.
Доколку не сте сигурни во кој правец се движи вашиот однос со партнерот, одговорете и вие искрено на нив:
1. Имате ли заеднички јазик?
Пред влегување во сериозна врска, неопходно е да знаете дали ставовите (особено тие кои се поврзани за важните работи) ви се 100% идентични.
Имате ли слични размислувања за верноста, семејството, љубовта, бракот и децата? Ако немате ист морален компас, неизбежно ќе дојде до проблеми.
Затоа, разговарајте од почеток за битните теми и споредете ги вашите гледишта за животот.
2. Како се чувствувате кога сте со него?
Прави ли да се чувствувате како кралица, дури и кога сте очајни и со најлошиот ПМС?
Мажот не мора постојано да изведува чуда или секоја секунда да ве опсипува со комплименти.
Но, затоа треба да ви влее трајно чувство на сигурност, давајќи ви до знаење дека тој ве обожува без оглед на сѐ.
3. Забавно ли ви е?
И, дали сте вистински поврзани еден со друг? Поврзаноста е клучот, a смеата и страста се горивото за доживотна моногамија.
Никогаш не ја потценувајте важноста на забавните активности кои ги правите заедно. Сеедно дали сте дома и во пижами, или, пак, среде метеж на улица. Можете ли со часови да се забавувате?
Партнерот мора да биде расположен за сето она што вам ви причинува радост. Дури и ако тоа значи да се откаже од фудбалскиот натпревар, a да го „жртвува“ за јога со вашите сестри.
М. А. | Црнобело