Мајка му била зависничка, на 14 години забременил девојка – Свршеникот на Адел за првпат раскажува детали од своето детство
- Детали
- среда, 11 октомври 2023
Вели дека сѐ уште се стресува кога има врева или кога ќе слушне истрел од пиштол, а заради зависноста на мајка му од дрога, тврди дека не верува никому – Свршеникот на Адел, Рич Пол си ја отвори душата за тешкото детство.
Рич Пол подолго време работеше како агент на светски познатиот кошаркар Леброн Џејмс, но целиот свет дозна за него дури откако започна емотивна врска со пејачката Адел.
Парот ја започна врската во 2021-ва година, во 2022-ра се свршија, а откако пејачката во една пригода го нарече „сопруг“, почнаа да се шират гласини дека тие двајца најверојатно во тајност стапиле во брак.
За Рич Пол досега не се знаеше премногу, но спортскиот агент кој денес има милиони на својата сметка одлучи, на крај, да ја раскаже приказната за своето тешко детство и да покаже како од момче кое израснало во сиромашно и проблематично семејство, успеал да стигне до местото каде што е денес.
На 10-ти октомври годинава од печат излезе неговата прва книга, насловена Lucky Me: A Memoir of Changing the Odds, во која тој за првпат отворено зборува за сопственото тешко детство и за предизвиците со коишто морал да се соочи како дете.
Како дете кое растело во едно од предградијата на Кливленд, Охајо, во 80-тите и 90-тите години, тој вели дека животот воопшто не му дал „добри карти“ и речиси успеал да го направи неверојатното и да ја промени сопствената судбина.
Како што вели, неговите родители не биле во брак, но татко му успевал да ја држи под контрола мајка му, којашто имала проблем со зависности.
Како дете на мајка зависник од опојни супстанци, Рич уште на 4 години бил свесен што се случува со неа, како млад тинејџер почнал да продава дрога, а на 14 години забременил една девојка.
„Никогаш немав можност да бидам дете. Зависноста беше толку силна што ја уништи љубовта на мајка ми и ја забрза мојата адолесценција. Морав да пораснам од кутре во млад волк, многу брзо“- раскажува тој.
Но, Рич тој период почнал постојано да бега од часови, успехот му бил незадоволителен и се чинело дека ќе тргне по стапките на голем број негови претходници од гетото каде што израснал.
Како што вели, најголема улога за да го промени својот живот одиграл неговиот татко кој му се заканил дека „ќе го застрела како што тоа го направил татко му на Марвин Гаје, ако продолжи да бега од часови“.
Оваа закана имала ефект, затоа што по ова успеал да го поправи успехот и почнал повеќе да води сметка за сопственото образование.