Интервју со Елена Чемерска, талентирана македонска уметница која работеше на дизајнот за лименките на Златен Даб
- Детали
- понеделник, 23 мај 2022
„Ми беше освежување и имав слобода да си поиграм. Бидејќи обично не работам во комерцијален контекст, интересно ми беше да замислам дека овој предмет кој го создаваме сега заедно, ќе помине низ рацете на навистина голем број луѓе со кои преку Златен Даб ќе искомуницираме“ – вели за CRNOBELO.com Елена Чемерска, визуелна уметница и истражувачка од Скопје.
На 15-ти мај беа промовирани новите дизајнирани лименки на Златен Даб Limited edition, чиј дизајн го изработија познатите домашни илустратори Елена Чемерска, Никола Радуловиќ, Руки Чуки и Ване Костуранов.
Дизајните изобилуваат со интензивни бои, пренесувајќи позитивни вибрации и екстра доживување со пивото Златен Даб, а по тој повод, поразговаравме со Елена Чемерска (1991), визуелна уметница и истражувачка од Скопје.
Во својата уметничка практика таа ги истражува врските помеѓу естетиката, материјалноста и политиката, комбинирајќи различни медиуми и стратегии со желба да се раслојат наративите втемелени во културолошките структури во кои се преплетуваат концептите за универзалното и партикуларното. Заинтересирана е за релацијата помеѓу човековите проекции за иднината и меморијата, и начините на кои се обидуваме да ја фиксираме историјата во нејзината слика.
Магистрирала уметност и дизајн во ликовни уметности на Master Institute of Visual Cultures, AKV St. Joost Academy of Art and Design во Сертогенбош, Холандија.
Учествувала во повеќе изложби во земјата и во странство, меѓу кои: Ostrale Biennale 021, Robotron-Kantine, Дрезден, Германија (2021); Supernova Regeneration 2021, Денвер, Колорадо, САД (2021); Биеналето на млади уметници, МСУ, Скопје (2021); Dislocations, Scottish Graduate School for the Arts & Humanities Summer School, Глазгов, Шкотска (2021); Биенале на млади уметници, УЛУС, Белград, Србија(2021); Čvorište efemernog, Galerija МК , Загреб, Хрватска (2020); ”Ничии прагови конкретно”, МКЦ, Скопје (2020); “Monumental Fluxus”, Expoplu, Најмеген, Холандија; “Monument to Freedom-Conversations”, Студио Приватен Принт, Скопје; „Transition”, Eye Museum, Амстердам, Холандија, итн.
Во 2021 е добитничка на наградата „Денес за млад уметник до 35 години“ во Северна Македонија и наградата „Prince Claus Seed Award“ во Холандија.
Во интервју за CRNOBELO.com, Елена зборува за нејзината професија, како и за дизајнирањето на лименките на македонското пиво...
Зошто токму визуелна уметница? Како одлучи токму уметноста да биде твоја професионална ориентација?
Од најрана возраст развив однос и склоност кон визуелна уметност и литература, а и непосредната средината ми овозможуваше пристап до содржини кои стануваат дел од некаква матрица, па понатаму развојот кој донесе до тоа да стане професионална определба ми дојде логично и природно.
Каква чест и предизвик беше за тебе редизајнирањето на лименките на омиленото македонско пиво Златен Даб? Имаше ли креативна слобода?
Ми беше освежување и имав слобода да си поиграм. Бидејќи обично не работам во комерцијален контекст, интересно ми беше да замислам дека овој предмет кој го создаваме сега заедно, ќе помине низ рацете на навистина голем број луѓе со кои преку Златен Даб ќе имаме можеби неочекувана можност да искомуницираме. Интересно ми беше ова искуство.
Сметаш ли дека визуелното задоволство од новите редизајнирани лименки придонесува за уште поголемо уживање во веќе добропознатиот вкус на пивото Златен Даб? Колку спојот на сетилните искуства влијае?
Секако дека влијае, инаку маркетингот не би се развил до овој степен како гранка. :)
Во однос на оваа соработка, ми се виде дека темата беше врзана со концепти на ведрина, радост и возбуда, па секој од нас им пријде со некој свој сензибилитет.
Во овој контекст, тој спој на повеќе нешта кои продуцираат сетилно уживање беше една референца која мислев дека е добро да се проткае низ визуелното решение.
Јас лично размислував за некој разгален, речиси идиличен простор каде што владеат едновремено и спокојот и возбудата, како во пладневен летен сон.
Колку време траеше дизајнирањето и како изгледаше процесот?
Процесот траеше околу два месеца. Прво направив едно истражување во претходните изданија на Limited Edition на Златен Даб, ме интересираа решенијата на други уметници, а преку нив можев и да насетам нешто повеќе за визуелниот сензибилитет со кој се идентификува компанијата.
На основа на тоа препознав точки кои некаде се допираат со визуелниот сензибилитет кој јас го развивам, па од тука тргна градењето на сликата. Забавно беше.
Имаш освоено доста награди и признанија, но која од нив има омилено место во твоето срце (и зошто)?
Не се толку многу. Немам омилено, за сега мислам дека тој тип на афирмација или изложеност е корисен во смисла на тоа дека на практичен план отвара некои можности за полесно работење, односно достап до ресурси кои се важни, а има и некаква улога во систематизирање на работата на формален план.
Сепак, сè она што треба да се развие во уметничката практика за да преку неа дојдеме до некаква дестилирана вредност останува како најважната работа.
Колку во Македонија, а колку во светот се цени уметноста? Дали и на кој начин работите се движат по нагорна линија?
Не би знаела што да кажам за нагорни линии, она што го гледам е дека секаде низ светот во секакви околности луѓето комуницираат нешто од своето искуство и се обидуваат тие искуства да ги прошират и транформираат преку уметнички гестови од секаква природа и тоа ми е многу возбудливо.
Истото се случува и во Македонија, со тоа што по не знам кој пат ќе повторам дека системската и институционалната поддршка за развојот на културата се повеќе од срамни, а приоритетите се сосема изместени. Во секој случај, тоа не е причина да се престане со работа, веројатно напротив.
Што те инспирира да твориш, што те движи напред? Се разочаруваш ли ако за нешто не го добиеш очекуваниот фидбек од јавноста (ако си имала таква ситуација)?
Мислам дека фидбек е многу важна работа во уметничките процеси и во мојата работа се обидувам тие процеси да ги држам што е можно поотворени секогаш кога можам.
Моментално сум во тек на некој процес кој ми е нов бидејќи работам на филм кој има навистина специфична динамика па ова не е нешто со што најактивно се занимавам, но оваа отвореност е нешто што би сакала во најскоро време да го развијам подлабоко како метод во работата. Се обидувам и сега.
Доаѓа некој момент во кој она што го развиваш (во подобар случај и тоа не би било изолиран индивидуален потфат) го проверуваш со некого, со некоја друга перспектива, некои други учесници во тој процес.
Мислам дека колку е тоа почесто, толку е и поздраво, бидејќи нештото се збогатува доколку се гледа од различни агли. Најубавите исчекори според мене се случуваат кога како некој кој иницира нешто од тие процеси, согледуваш како овие различни погледи може да бидат интегрирани во понатамошниот развој на она што го нарекуваме дело, и на кој начин тоа би можело да се изведе.
Што ти ја поттикнува креативноста, а што ти влијае негативно?
Многу нешта потикнуваат љубопитност на различни искуствени или мисловни планови, не знам дали можам да го срочам кратко, а да не поедноставувам или да звучи претенциозно.
Предизвиците или проблемите се врзани со некои арбитрарни категории, пред сè на вреднување кои знаат да имаат некаков негативен ефект во одредена фаза, но не се нерешливи или ненадминливи.
Што си посакуваш на поле кариера за 10 години отсега?
Да продолжам да работам, да имам можности за плодни соработки, таа пракса да расте и да созрева, и да учам сè повеќе од неа.