Спортска недела! Нов рекорд на 6тото издание на HALKECO Skopje RUN 10km!
- Детали
- недела, 08 мај 2022
Скопје, 08.05.2022- Во организација на Сојузот на спортови на Скопје, заедно со Атлетскиот Клуб Работнички и насловениот спонзор HalkBanka, под покровителство на Градот Скопје и Агенцијата за Млади и спорт, се одржа 6тото издание на HalkEco Skopje RUN 10KM.
Околу 1300 натпреварувачи, истрчаа 10 километри, а почетокот и целта на трката беше фонтаната „Лотос“.
„Пред 6 години, се јави потреба, поради преголема заинтересираност, да се организира и оваа трка, која е во склоп на Виз Ер Скопски Маратон. HalkEco Skopje Run 10KM, почна како локална, а многу брзо прерасна во меѓународна трка. Со оваа трка, исто и како со другите кои се дел од Виз Ер Скопски маратон, секоја година докажуваме дека нашата земја има активно, спортско население. Ја користам оваа прилика да ги поздравам сите учесници на трката, а на оние најдобрите им честитам за постигнатите резултати“,- изјави Гордана Николовска од Сојуз на Спортови на Скопје.
Победник во машката категорија на овогодинешната десеткилометарска трка, како и претходните 5 изданија, е Дарио Ивановски, со нов рекорд од 29:42, на второто место се најде Џастин Фриман, со време од 32:03, а третото место му припадна на Атанас Анчевски, со време на трчање од 32:36.
Од женските прва беше Билјана Кираџиева, со 37:48 минути, второто место го зеде Mиљана Ристиќ со 41:27 минути и на третото место заврши Весна Кираџиева со 43:18 минути.
„Среќни сме што сме дел од овој настан, кој ги спојува луѓето, без разлика на возраста и полот. Ние ќе продолжиме со исто темпо и мотив, да се залагаме за повеќе настани од овој тип, каде секој учесник има своја причина зошто се пријавил и цел што сака да ја постигне. Искрени честитки до сите натпреварувачи за храброста и за постигнатите резултати“,- изјави Кире Синадиновски.
Оваа трка, како и другите кои се дел од Виз Ер Скопски маратон, е мотивација за сите учесници, кои го даваат максимумот од себе, да продолжат со тренирање, вежбање и одржување на здрави навики.