Победи на Владимир Тренески и Давид Малинковски на првите две трки од Twingo Cup

На стартот на новата сезона во Twingo Cup што е во организација на Аутомотив Груп и АКК Рено Спорт Скопје, викендов се возеа две трки на патеката Хунгароринг во Унгарија како дел од календарот за 2022 година во кој има вкупно 12 трки на шест европски патеки.

pobedi-na-vladimir-treneski-i-david-malinkovski-na-prvite-dve-trki-od-twingo-cup-01.jpg

Владимир Тренески и Давид Малинковски победија на двете трки возени во неделата, а Малинковски заедно со Зоран Мираковски беа единствените возачи кои на двете трки успеаја да се качат на пиедесталот завршувајќи во Топ-3. Актуелниот првак во првенството на Македонија во Twingo Cup, Малинковски е лидер во генерален пласман со 35 бода од двете трки.

Во Twingo Cup имаше викендов пријавени вкупно 33 возачи од повеќе држави, и покрај за бодување во ЦЕЗ, исто така овие трки се бодуваат и за првенствата на Словенија и на Македонија.  Од Македонија настапија вкупно девет возачи, меѓу кои имаше и двајца дебитанти.

pobedi-na-vladimir-treneski-i-david-malinkovski-na-prvite-dve-trki-od-twingo-cup-02.jpg

На мократа патека во Саботата каде истовремено имаше и силен ветер, најдобрите двајца македонски возачи Владимир Тренески и Марко Блажевски ги освоија 12 и 13 место. Давид Малинковски оствари 17. најдобро време. Квалификациите почнаа со задоцнување токму поради лошото време на патеката.

На првата трка победи Владимир Тренески за кого ова беше деби настап на патеката во Унгарија во Twingo Cup. Уште од самиот почеток тргна добро и од 12. место после првиот круг стигна на седмата позиција. Таму се задржа неколку кругови кога успеа да скокна две места погоре и да биде петти. Но, потоа повторно се врати на седмата позиција на која заврши и на крај од трката. Но, беше победник во првенството на Македонија и 20 бодови на неговото конто.

pobedi-na-vladimir-treneski-i-david-malinkovski-na-prvite-dve-trki-od-twingo-cup-03.jpg

Актуелниот Македонски првак од лани Давид Малинковски на половина од трката беше на 13, а потоа и на 12 место. Во шестиот круг успеа да се искачи две места погоре и да биде деветти. Како второпласиран во првенството на Македонија освои 15 бодови на трката. Сигурно и мирно возење имаше Зоран Мираковски кој стартуваше од 21 место, од од круг во круг полека напредуваше за на крај да биде 15 во генерален пласман и трет во првенството на Македонија, освојувајќи 12 бода.

Поради инцидент во првиот круг Марко Блажевски мораше да се откаже. Словенецот Андреј Шкорјанц го удри од позади, по што Блажевски загуби контрола излета од патеката и со скршен преден браник и оштетена лева страна на возилото. Тоа беше причина за негово откажување од трката, па механичарите имаа и дополнителна работа и за брзо го оспособија за да може да настапи на втората трка која се возеше неколку часови подоцна.

Во првенството на Македонија во Twingo Cup на првата трка четвртото место се пласираше Слободан Трајковски, а петти беше Ангелче Стојковски. Дебитантите Борис Стојменов и Мурис Хамзиќ исто така ја завршија трката и ги освоија првите бодови во првенството. Единствено Ненад Костовски не стартуваше.

pobedi-na-vladimir-treneski-i-david-malinkovski-na-prvite-dve-trki-od-twingo-cup-04.jpg

Неколку часа подоцна се возеше втората трка од Twingo Cup, а крајот на трката го одбележа безбедносното возило кое речиси три круга беше на патеката поради инцидентот во кој беше вклучен нашиот Владимир Тренески и Словенецот Антон Јус. Трнески остана без пласман, и со оштетување на предницата од автомобилот, а се надеваше на бодови бидејќи во првите пет круга беше во Топ-10.

Стартувајќи од деветтата позиција, Давид Малинковски уште на самиот почеток зграби две места плус и од деветтото се искачи на седмото место, веднаш пред Владимир Тренески. Македонската двојка се држеше доста кругови на своите места, па и напредуваа. Малинковски стигна до петтото место, а во еден момент беше и на третото место. Тренески го задржа и добро го чуваше своето деветто место.

pobedi-na-vladimir-treneski-i-david-malinkovski-na-prvite-dve-trki-od-twingo-cup-05.jpg

Малинковски имаше борба со Миха Фабијан, но почна да губи сила неговото возило и само што беше престигнат од Словенецот, на патеката се појави безбедносното возило. Но, и со петтото место во генерален пласман, му беше доволно да биде прогласен за победник на трката во првенството на Македонија. Со новите 20 бода и второто искачување на подиумот Малинковски го запоседна првото место во првенството на Македонија.

За разлика од првата трка, сега Марко Блажевски имаше одличен старт иако тргна од последното 31 место. Но, веќе по првиот круг „скокна“ 14 места и беше на 17 место во конкуренција на 31 возач колку што стартуваа. Од круг во круг, Блажевски напредуваше и минуваше ривалски возила, и во  шестиот круг беше веќе во Топ-10 на трката пред безбедносното возило да излезе на патеката. Како што напредуваше сигурно дека можеше и повеќе пред да излезе безбедносното возило.

pobedi-na-vladimir-treneski-i-david-malinkovski-na-prvite-dve-trki-od-twingo-cup-06.jpg

Зоран Мираковски уште еднаш беше дел од забавата на подиумот, и повторно како третопласиран. Тој го освои 13. место во генерален пласман на трката. Другите македонски возачи кои освоија бодови во првенството на Македонија беа Ангелче Стојковски (15 место), Слободан Трајковски (16), Борис Стојменов (22) и Мурис Хамзиќ (29 место)

На двете трки викендов на Хунгароринг доминираа словенечките возачи. Матеј Ивануша победи на двете трки. Лука Грм и Миха Фабијан беа на пиедесталот на првата трка, а на втората се искачија Ник Стефанчич и Михајло Младеновиќ од Србија.

Следната трка се вози на почетокот на јуни на патеката Ред Бул Ринг во Австрија.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg