Последни подготовки за јубилејното 10-то издание на Авицена Женска Трка
- Детали
- петок, 08 април 2022
Скопје, 07.04.2022. Здрав живот, рекреација, ослободување од стрес, но и љубов кон трчањето се само дел од причините поради кои многу дами оваа недела ќе ги истрачаат своите 3 километри на АВИЦЕНА ЖЕНСКА ТРКА, а со тоа се промовираат здравите навики и физичката активност, кои се клучни фактори за здрави, среќни и продуктивни личности.
Во организација на Сојуз на спортови на Скопје, а под покровителство на Град Скопје, во недела на 10 април, ќе се одржи јубилејно 10то издание на АВИЦЕНА ЖЕНСКА ТРКА, која е единствената масовна, не само спортска манифестација во нашиот град, посветена исклучиво на жените.
Покрај одбележувањето на важноста на физичката активност, особено трчањето и пешачењето, како примарна превенција за здравјето на женската популација, оваа рекреативна атлетска трка, која е дел од трките на Виз Ер Скопски Маратон, има за цел и да ја промовира заштитата на животната средина.
Стартот и целта на трката, ќе биде паркингот на Градски парк, а од пријавените 2000 натпреварувачки, бидејќи станува збор за трка од натпреварувачки карактер, ќе се прогласат најдобрите, со што ќе следува лотарија со извлекување на среќни стартни броеви од сите учеснички.
Пријавените дами своите стартни пакети ќе можат да ги подигнат на 8ми и 9ти април од 11 до 19 часот, во спортскиот центар Борис Трајковски, спроти хокеј лизгалиште.
Организаторите на настанот на сите учеснички им посакуваат добри резулатати и да уживаат во ова 10то издание на Авицена Женска Трка!