„Макпетрол“: 50 години од отворањето на најпрепознатливата бензинска станица во земјава

Бензинската станица „Билјанини извори“, што е дел од мрежата на „Макпетрол“, денеска ја одбележува 50-годишнината од отворањето. Препознатливиот и импозантен кружен објект, којшто се наоѓа на излезот од Охрид, на патот кон селото Велестово, е пуштен во употреба на 7 април 1972 година. Автор напроектот е архитектот Ѓорѓи Голев, додека изведувач на армираните бетонски конструкции е „Гранит“, а на металните конструкции, „Коце Металец“.

makpetrol-50-godini-od-otvoranjeto-na-najprepoznatlivata-benzinska-stanica-vo-zemjava-01.jpg

Значењето на овој објект го истакнува и „МАРХ - Македонска архитектура“, која што преку интернет-порталот marh.mk работи на популаризација и признание на оваа дејност во земјава.

- Половина век опстојување е првиот праг кон историска потврда и признание од една страна, а од друга - причина за одново размислување за вредностите на градбите кои опстојуваат. Бензиската станица „Билјанини извори“ е специфично решение совршено поставено насреде значајна сообраќајна раскрсница. Тоа е произлезено од соодветните архитектонски анализи кои потекнуваат од сообраќајната логика на свртување - кружен ток и смелите конструктивни можности кои ги дозволува рамномерното урамнотежено пренапрегнување преку централна вертикала. Авторот Ѓорѓи Голев и соработниците, достојно одговориле на професионалниот повик и задача. Објектот е редок пример на домашната сцена кој ја сочувал сопствената оригиналност, создавајќи функционална монументалност која е невозможно да ја игнорирате - велат од МАРХ.

Имајќи предвид дека бензинската станица се наоѓа во Охрид, град со голем број историски и културни знаменитости, овој објект изминатиов половина век се наметна и како своевиден симбол на градот.

Јубилејот на бензинската станица „Билјанини извори“ се одбележува во годината во која што „Макпетрол“ слави и 75-годишнина од своето постоење. Компанијата во текот на сите овие години постави високи стандарди за квалитет, а преку стратешките инвестиции во наредниот период и понатаму ќе бидe пионер и предводник во енергетскиот сектор.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg