Пакомак доби нова 5-годишна дозвола за работа
- Детали
- среда, 06 април 2022
Пакомак е прв и најголем колективен постапувач со отпад од пакување во Македонија, единствена компанија со остварени национални цели 12 години по ред.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) позитивно ја оцени апликацијата на Пакомак за продолжување на дозволата за работа за постапување со отпад од пакување доставен од страна на компанијата Пакомак и на 24 март 2022 година и официјално ја продолжи дозволата на ПАКОМАК на неодреден временски период. Ова е резултат на севкупните активности кои беа реализирани изминативе години пред се на инвестициите во инфраструктура (контејнери и канти за собирање на отпад од пакување) како и на бројните едукативни кампањи за подигнување на јавната свест на населението.
Во моментов Пакомак има склучено договори со компаниите кои што создаваат 43,8% од вкупниот отпад од пакување во Македонија, има договори со 20 општини од Република Македонија за организирано одделно собирање на отпадот од пакување, и е единствена компанија од Македонија приклучена на интернационалната мрежа за управување со отпад од пакување ProEurope и ја има лиценцата за употреба на симболот “Green Dot”.
Пакомак континуирано добива национални награди за општествено одговорни практики од Министерството за економија на РМ, 2019 година и признание од Претседателот на државата, секоја година избира најеколошка општина во земјата, поттикнува еко навики кај сите возрасти преку различни активности, а минатата година ги воведе и првите повратни вендинг машини, со цел мотивирање на населението поинтензивно да селектира отпад.
„Пакомак уште со самиот почеток на своето работење го прифати предизвикот за зачувување на природните богатства на одржлив начин како и обврската да се грижи и да ја сочува природата и околината за следните генерации. Исполнувањето на националните цели и продолжување на дозволата за работа претставува голема сигурност за сите наши клиенти, и потврда дека сме на добар пат.
И натаму ќе продолжиме со инвестиции во комунална инфраструктура во градовите низ републиката, во интензивирање на соработката со локалните самоуправи, и на различни локации да има доволен број на посебни контејнери за амбалажен отпад, пред се ПЕТ, хартија, лименки и стакло, а ќе продолжиме и со едукативи кампањи во кои ќе вклучиме различни возрасни категории.
Како и многупати досега, уште еднаш сакам да ја истакнам улогата на граѓаните, кои треба да дадат свој личен придонес, и да го селектираат отпадот и селективно да го одложуваат. Бидејќи на тој начин сите ние заеднички придонесуваме да имаме почиста земја, правејќи заштеда на природните ресурси, енергија и почваˮ- изјави Филип Ивановски директор на Пакомак.
Во досегашново 12 годишно работење преку системот на Пакомак се собраа и преработија над вкупно 200.000 тони амбалажен отпад, кој што се состои од: хартија, пластика, стакло (кое досега никој не го собираше, ниту локалните компании имаат капацитет за рециклирање), како и композит, метал и дрво. Националните цели за собран и рециклиран отпад од пакување во следниве 5 години се зголемуваат, така што за следниве години очекуваме оваа бројка да биде зголемена. Пакомак е прв и најголем колективен постапувач со отпад од пакување во Македонија, единствена компанија која во континуитет ги остварува националните цели, и со тоа придонесува да имаме почиста животна средина.
Најголемите македонски компании кои се здружени во системот за управување со амбалажен отпад на ПАКОМАК секоја година создаваат 43.807 тони амбалажа од продажба на своите производи.
Пакомак е компанија основана од 11 водечки производствени компании во Македонија (Пивара Скопје АД Скопје; Прилепска Пиварница АД Прилеп; Витаминка АД Прилеп; Пелистерка ДОО Скопје; Магрони ДОО Скопје; Кодинг Дооел Кавадарци; Кожуфчанка; ДОО Кавадарци; Вивакс Дооел Скопје; Благој Ѓорев АД Велес; ВВ Тиквеш АД; ВВ Стоби АД). Компанијата “Пакомак” е прва во Македонија која од Министерството за животна средина и просторно планирање доби дозвола за селекција и преработка на отпадот од амбалажи. Намалување на дивите депонии, продолжување на животниот век на постоечките депонии, рециклирање на над 60% од амбалажниот материјал и негово енергетско искористување е крајна цел на Пакомак.