МБУ веќе 16 години обезбедува квалитетно образование како основа за успешна професионална кариера
- Детали
- среда, 30 март 2022
Започнувајќи со работа пред 16 години со неколку факултети и оддели, и со само 9 студенти, Меѓународниот балкански универзитет (МБУ) успеа, со многу посветеност и труд вложен во образовниот процес сите изминати години, да прерасне во ценета високообразовна институција која денес е избор на околу 3.000 студенти.
Основан во 2006 година од Фондацијата за образование и култура, УСКУП, како прв приватен, фондациски и непрофитен универзитет во земјава, МБУ денес е најголем приватен универзитет во државата и најдобро рангиран во категоријата „настава и учење“ на престижната Шангајска листа.
Универзитетот на идните академски граѓани им нуди повеќе од 30 студиски програми на прв, втор и трет циклус студии, со оптимално комбинирана практична и теоретска, современа наставна програма која е целосно на англиски јазик и која се одвива во современ универзитетски кампус, со модерна опрема и сите потребни наставни помагала за ефикасно и ефективно учење. Во наставата е вклучен квалификуван академски кадар со меѓународна репутација и искуство.
Нивото и квалитетот на образовниот процес што ги нуди Универзитетот се зголемува со програмите и договорите за студентска мобилност, односно можност за размена преку договори што МБУ ги има со над 160 универзитети во 40-тина земји од Европа и светот, преку европската мрежа за студентска мобилност Еразмус+.
„Меѓународниот балкански универзитет сосема го оправдува епитетот меѓународен бидејќи освен што е единствен универзитет во Северна Македонија со англиски јазик како официјален јазик на настава и комуникација, туку денес има портфолио на студенти од повеќе од 20 земји во светот. Имено, од вкупниот број студенти, околу 40 проценти се од Северна Македонија, додека 60 проценти се од други земји, не само од регионот, туку и од Америка, Централна Азија, Африка и Далечниот Исток“, вели Висар Рамадани, генерален секретар на МБУ.
Како општествено одговорна високообразовна институција целосно посветена на поддршката на образованието и науката во Република Северна Македонија и балканскиот регион, МБУ секоја година обезбедува голем број стипендии за најдобрите средношколци кои сакаат да го продолжат своето образование на овој реномиран универзитет. Во зависност од успехот во средното образование се покриваат од 50% до 100% од школарината за секој семестар, а во изминативе 16 години оваа можност ја искористија над 1500 средношколци.
Со цел да се придонесе за развој на науката и истражувањата, МБУ секоја година е домаќин на бројни меѓународни симпозиуми, конгреси, конференции, семинари и програми за сертификација.
Во рамките на Универзитетот функционира и CELTA центарот, кој е овластен центар од Cambridge Assessment English, дел од Универзитетот во Кембриџ, за сертифицирање предавачи по англиски јазик (ELT) за студенти кои зборуваат други јазици.
Создавање интернационален кадар кој успешно ќе може да се соочува со предизвиците на глобалните компании, кон што е насочен образовниот процес на Универзитетот, успешно се реализира, за што најдобар доказ е фактот дека дури 90% од студентите кои ги завршиле своите студии на МБУ се вработени и веќе градат успешна кариера во домашни и странски компании.