Каратистите на „Макпетрол“ освоија три медали на „Гран при Кроација“
- Детали
- понеделник, 21 март 2022
Со еден златен и два сребрени медали се закитија каратистите на клубот „Макпетрол“ на меѓународниот турнир „Гран при Кроација“ што викендов се одржа во Самобор, Хрватска.
На квалитетниот и масовен турнир учествуваа 1767 спортисти од 33 држави, односно 275 клуба.
- Задоволни сме од настапот на нашите 10 каратисти на турнирот. Повод за учество на младинскиот тим на овој силен турнир, беше да се направи контрола на формата на репрезентативците што треба да настапат на европското првенство во Прага. Резултатите кои се постигнати со освоените три медали од кои еден златен и два сребрени, како и два високи пласмани на петто место, говорат дека моментно „Макпетрол“ располага со навистина квалитетни млади каратисти - вели тренерот на клубот, Бошко Заборски.
Репрезентативците Петар Заборски, Петар Спасеновски и Глигор Петков настапија на ревијалниот турнир во сениорска конкуренција, во апсолутна категорија. Тројцата сениори остварија по неколку победи.
- Турнирот е секогаш со голем број пријавени спортисти кои се и многу квалитетни. Овој собир е главна контрола за возрасните категории на кадети, јуниори и постари јуниори (У21). Терминот за одржување секогаш е непосредно пред официјалното европско првенство за овие возрасни категории. Од таа причина најголем број национални репрезентации последните свои проверки ги прават на овој натпревар - истакна Заборски.
Стефан Стојановиќ освои златен медал во категоријата над 84 килограми. Тој извојува четири победи за првата позиција. Во финалето убедливо го победи Урош Маркуљевиќ од Словенија со 6-0.
Јуниорите Данило Божовиќ и Јована Мицовска, пак, со одлични борби стигнаа до сребра на „Гран при Кроација“. Божовиќ и Мицовска извојуваа по четири победи до финалето. Tие демонстрираа дека располагаат со квалитет за меѓународната сцена.
Петти позиции освоија талентираните Витомир Трајковски и Марија Петровска.