Трговците најавуваат затворање на бензинските станици во источниот дел на земјата
- Детали
- четврток, 10 март 2022
(10 март 2022 година) Воведувањето нова маржа за трговците со горива, односно нејзиното драстично намалување за 33 проценти од 4.5 на три денари, ќе ги принуди сопствениците да ги затворат бензинските станици во источниот дел на државата.
- Маржата и претходно беше навистина мала, но со сегашното намалување нашите загуби ќе бидат екстремно високи. Тие што ги носат овие одлуки треба да имаат предвид дека иако маржата се намалува, придонесите остануваат на исто ниво, што значи дека ние и понатаму треба да исплаќаме плати како маржата да не е променета. Дополнителен проблем, што се провлекува со години, се и дивите, подвижни, бензински станици кои што нелегално функционираат на паркинзи и каде што гориво се продава и купува во буриња.
Поради сите овие крајно непазарни услови, ние нема да имаме избор и ќе ставиме клуч на нашите бензински станици - вели Гоце Хубрев, претседател на Здружението на брендирани и приватни бензински пумпи, кои што работат во источниот дел на Македонија.