Проф. Д-р Аспазија Софијанова - „Отсекогаш сум била тип на човек кој она што го прави го прави со љубов, и максимално професионално“
- Детали
- четврток, 03 март 2022
Проф. Д-р Аспазија Софијанова e врвен педијатар благодарение на чии совети многу деца оздравеа, а многу сeмејства си го вратија мирот и спокојот. Одличен дијагностичар, а дека тоа е така сведочат бројни примери. Секогаш кога има компликуван случај се бара Софијанова!
Пожртвувана и посветена Д-р Софијанова одигра голема улога и за развојот на клиниката за педијатрија. Професионалец кој со својот пример и посветеност поттикна бројни донации во опрема и материјали, и ја модернизира клиниката. Оние кои добро ја познаваат знаат за нејзината континуирана страст и желба за доусовршување и надградување, со цел да може да одговори на секојдневните медицински предизвици.
Позитивна, ведра и енергична, секогаш отворена за помош Аспазија Софијанова е наше вистинско богатство! Сето ова и многу повеќе што таа го има направено ја мотивираше нашата редакција да направи едно кратко интервју со неа.
Несебично се вложувате во работата, честопати ставајќи го приватниот живот во втор план. Што е она што веќе повеќе од 40 години секојдневно ве мотивира да помагате и бидете подобри?
Одговорот на ова прашање е само во генетиката и карактерот на еден човек! Никој ништо не може да ве натера. Мене никој никогаш во животот не ме натерал со сила. Станува збор за генетска предиспозиција, за наследно однесување кое мене ми е дадено и во одреден дел може да го промените, но во основа не се менува.
Отсекогаш сум била тип на човек кој она што го прави го прави со љубов, и максимално професионално. Едноставно таа емоција која ја гаам кон одредена работа, без разлика дали се работи на приватен или професионален план, е секогаш присутна и ме води. Во поглед на професионалниот план кој сега доминира таа емоција е поврзана со големата љубов кон децата и желбата да се помогне и можноста, способноста да се даде таа помош. Честопати кога гледам други луѓе или слушам како нешто се тераат да го направат со сила се чудам. Кај мене тоа непостои.
Работите, поттикот ми доаѓа сам од внатре, никој не може да повлијае со сила да направам некои работи. Секако и приватниот живот е подеднакво важен, важен за вашата личност и реализација, но веројатно во овој момент ми е дадено да направам нешто за клиниката, а тоа што го правам го правам максимално како што сметам дека треба, а мислам дека ќе дојде време да се посветам и на приватниот живот повеќе, ќе си дојде и тој дел на свое место.
На ваше инсистирање беше отворена генетска лабораторија во склоп на клиниката. Што таа обезбедува?
Примарната цел на генетската лабораторија е рано откривање на генетските, на ретките болести. Неодамна беше ден на ретките болести кои бараат рана дијагностика и ран третман. Јас придавам исклучителна важност на тој дел. Планирам се што е ново да донесеме и на нашата клиника, која ќе биде и центар за генетско советување. Ќе можеме сите генетски заболувања кои рано ќе ги откриеме, а едноставно не може да ги спречиме, но бар рано да ги откриеме и да обезбедиме најсоодветен третман и да спречиме повторно да се појави една генетска болест.
Без добра дијагностика нема ни добар третман. А добрата дијагностика е врзана со генетската лабораторија која ги работи ретките болести и болестите кои не може да се детектираат во другите обични лаборатории, односно болести кои настануваат заради внатрешни состојби или надворешни фактори кои можат да го променат геномот на човекот што пак може да значи и појава на болест. За да може ние да спречиме појава на болест и да го држиме организмот во хомеостаза, треба да добиеме потврда дека генетиката е мирна и не мора да размислуваме за некоја таква болест.
Набрзо ќе се отвори новиот онколошки центар кој ќе биде во склоп на клиниката. Што тој ќе значи?
Детската онкологија исто така е еден од приоритетите на клиниката. Почнуваме да размислуваме на терциерно и квартарно ниво. Примарната грижа ќе си остане на примарните педијатри, но ние овде на клиниката треба да одиме понатамо, а тоа пред се ќе значи рана дијагностика на малигните болести, кои за жал ги гледаме и кај децата, се јавуваат дури и во раната неонатална возраст и во раната детска возраст, а несмееме да заборавиме дека особено болестите на крвната лоза се често видени кај децата.
Затоа новиот онколошкиот центар не само што ќе пружи удобност и комодитет по сите најнови стандарди присутни во најсовремените светски болести, бидејки онколошкиот центар го одделуваме со посебна нова климатизација, инсталации и опрема што бара една најмодерна клиника, туку тој ќе обезбеди и место кое ќе нуди поголема удобност за децата од почетокот и во текот на целиот третман, значи престој во едни многу поубави услови. Бидејќи кога ги визуелизираме убавите нешта тие предизвикуваат и убава перцепција и лачење на убави хормони што се важни за целокупната здравствена состојба на овие пациенти.
Ќе има тука и библиотека и учителка која ќе работи со овие деца, ќе има и забава, секако доколку сеуште владее Корона пандемијата тоа ќе биде спроведено под сите соодветни протоколи и мерки кои ги налага состојбата и секако протоколи кои ќе соодетствуваат со Германските со кои имаме комуникација и кооперација. Центарот ќе вклучи и посттрансплантациски оддел со просторија со негативен притисок, со комплетна грижа за пациентите после трансплантација која веројатно ќе се одвива на клиниката за хематологија со која имаме тесна соработка, а тоа значи дека прифаќањето на тие деца ќе се одвива на највисоко ниво со целосно мониторирање од страна на педијатри.
Клиниката за педијатрија се развива, но сеуште е потребно многу повеќе. Што е најнеопходно?
Клиниката за педијатрија ќе добие нов облик во поглед на своето дејствување. Ќе ставиме приоритет кон онколошките пациенти, реков со отварањето на онколошкиот центар, интензивната терапија и транспортот на пациентите, а тоа ќе биде новина која е врзана со донацијата која што ни доаѓа од Германија. Значи ќе обезбедиме транспортен сервис координиран меѓу клиниката и сите други болнички центри во државата или околните држави. Тоа ќе овозможи навремено да ги носиме критично болните новородени, предвреме родените и се разбира сите критично болни деца до соодветната установа, односно одделот за интензивна нега и терапија.
Тоа ќе биде како една транспортна болница. Понатаму планираме дел од одделите кои вклучуваат интервентни методи како што се кардиолошки случаи, нефролошки случаи исто така да бидат третирани тука и примарните имунодефицити заедно со одделот за интензивна нега со неонатологија каде децата по поминати инванзивни методи ќе бидат повторно споени со семејствата. На тој начин функционирањето на клиниката ќе се доближи на современата пракса која може да ја видиме во развиените центри во светот, каде се вклучува и психолошка поддршка, опфаќање на децата со посебни потреби и дијагностика и на овие деца.
Засега тие деца немаат дијагностика, па планираме да се одвои и оддел за рана дијагностика, да бидат вклучени во тоа и децата со различен спектар на аутизам, да бидат следени да се дава и рана стимулативна терапија или совет како понатаму да се продолжи со тие деца. А во се тоа голема подршка ќе имаме од 3те лоборатории, биохемиската, молекуларната и генетската лабораторија кои ќе бидат опремени за анализи и детектирање на најспецифичните болести. Додека децата со обичните болести, да кажам најчестите горнореспираторни инфекции бидат привилегија на секундарното здравство.
Имавте, и сеуште имате можност за работа во Америка. Член сте на европскиот борд на педијатри. Но нешто ве држи тука, што е тоа?
Веројатно тоа е некоја мисија која треба да ја обавам во оваа држава. Со оглед на тоа дека едната ќерка живее надвор, живее во Лондон и работи во една престижна инвестициска корпорација на што сум особено горда, од друга страна мојот брат живее во Канада, останува јас да бидам овде во нашата земја, бидејќи тука пак ме влече и другата ќерка со двата внука, што е голема причина и мотив повеќе.
Секако сметам дека пресудно е она што ви е дадено од бога, со целото свое знаење и умеење стекнато во светот да го претставувате ова мало парче земја, кое има толку многу капацитет, толку многу можности, а не е свесно за тоа. И кога се претставува едно мало парче земја во овој голем свет на луѓе од секаков калибар, убаво е да покажете дека и ние имаме можност и капацитет да се справуваме рамо до рамо со сите предизвици и достигнувања.