Традиционално закројување на винова лоза во винарница „Стоби“
- Детали
- понеделник, 14 февруари 2022
Со литургија, закројување на лозите винаријата „Стоби“ го одбележа празникот Св. Трифун, заштитникот на виното и винарите.
По повод празникот Свети Трифун, во винарницата „Стоби“ по 13-ти пат се одржаа традиционалното закројување и осветување на виновата лоза. И оваа година, за разлика од претходните, поради мерките за заштита од ковид-19, на традиционалното закројување на лозјето изостануваше масовното присуство на граѓани, кои со исклучително квалитетно вино, богата трпеза и убава музика се традиција и белег на закројувањето во винарницата. Овој пат одмерено и дискретно, но со висока доза на духовност и посветеност кон виното и филозофијата на „Стоби“, закројувањето се одржа во присуство на сопственикот со блиското семејство и раководниот тим на винарницата.
- Овој ден за нас е посебен, 13 - та година по ред го славиме овој за нас значаен празник, воедно и роденден на Винаријата. Се надеваме на бериќетна година, и следната да го прославиме заедно со сите љубители на вино овој ден Св. Трифун, истакна сопственикот на винарија Стоби, Минчо Јорданов.
Генералниот директор на холдинг компанијата „Перминдекс“, за винарницата „Стоби, млекарницата „Галичник“, „Црвени Брегови“ и „Вардар Градско“, Никола Деребанов објаснува дека иако веќе втора година изминува откако нашата земја и светот се во пандемија, која создаде големи предизвици и проблеми во нормалното функционирање на бизнисите, сепак, тоа не влијаело на пласманот и извозот на вината произведени во винарница „Стоби“ која и понатаму работи успешно.
Воедно Деребанов посочи дека од оваа година започнува лансирањето на нова линија на вина наречена „Македон“.
- Новата линија на вина го носи името „Македон“ и дел од нив веќе можат да се дегустираат во некои од нашите поекслузивни ресторани, хотели или кафулиња. Засега „Македон“ вината ќе можат да се купуваат само во ХОРЕКА секторот, а истите во текот на оваа година ќе почнеме да ги пласираме и на сите извозни пазари каде веќе извезуваме од нашата широка палета на вина. Конкретно „Македон“ вината веќе неколку години се произведуваат, но првично беа наменети за извоз само во САД. Сега ќе го прошириме пласманот на вината и се надевам на успех и прифаќање од љубителите на вината како и досега, појаснува Деребанов.
Иако оваа година традиционалната масовност на прославување изостана, сепак, винарница „Стоби“ со желба да ја одржи и оваа традиција, организираше разно промоции на виното низ земјата.
Винариница „Стоби“ годишно произведува 4,5 милиони литри високо квалитетно вино, од кои само 24 отсто се пласираат на домашен пазар, а дури 76 проценти се наменети за извоз на 18 пазари од регионот и светот. Најголеми извозни пазари се Кина, Сад и Русија, но значителна продажба остваруваат и во европски држави Холандија, Данска, Белгија и земјите од регионот.