Скопски моден фестивал: Премиера на првата сезона во март
- Детали
- четврток, 20 јануари 2022
Оваа пролет ќе се означи почетокот на најголемата модна манифестација во македонската метропола. Наспроти класичните недели и викенди, фестивалските активности ќе се одвиваат во текот на еден цел месец, паралелно со случувањата во познатите светски центри.
Скопски моден фестивал е нова забавна манифестација за сите љубители на дизајнот, културата и уметноста, која на едно место ќе ги обедини сите еминентни дејци од креативната индустрија, а истовремено ќе им даде простор и на младите таленти да ги промовираат своите дела.
Првата сезона на настанот ќе се одржи во текот на месец март под слоганот „The Future was Present”, со модни ревии и перформанси, ексклузивен продажен шоурум, дигитални проекции и изложби, богата музичка програма и гала вечер со црвен килим за свеченото отварање.
„Целта на фестивалот е да биде прослава на модата во сите можни форми, доближувајќи ја до што поголема бројка на публика, бидејќи македонската дизајнерска сцена го заслужува тоа. Промоцијата на креациите не завршува со моделските чекори на писта или едноминутното видео на социјалните мрежи.
Низ серија од активности ќе поттикнеме масивен одѕив во јавноста, за да тие финално стигнат до потенцијалните купувачи и модни вљубеници.” - истакнуваат организаторите на манифестацијата.
Заштитни лица на првата сезона се трите сестри Ангелина, Ива и Сандра Китановски, на кои им беа доверени главните улоги во најавното видео за фестивалот, снимено под режисерска палка на Филип Пашоски. Наменски за пригодата се искомбинирани облека и додатоци на дел од најдобрите етаблирани и перспективни македонски дизајнери и брендови на денешницата.
Во модното видео и едиторијал со југоносталгичен дух и футуристички мотиви, застапени се креации од последните колекции на Евгенија Зафировска, Стефанија Насеска, KTN, Мирјана Јосифоска и La Dama. Како стилист на кампањата се потпишува Веселинка Паневска, додека автори на фотографите се Филип Пашоски и Сони Романов. Уметнички директор и извршен продуцент на настанот е Милан Атанасов.
„Минатото и иднината се две сеприсутни димензии во светот на модата. Во најавното видео за првата сезона, тие се испреплетуваат низ визуелната игра со контрасти и проекции, но и безвременските парчиња кои совршено се вклопуваат во тематската приказна.
Ме радува фактот што целата кампања наиде на позитивен одек уште за време на снимањето, а особено големиот интерес меѓу дизајнерите, како од земјата, така и од странство, своите нови колекции да ги претстават на фестивалот. Ни претстои навистина убава и возбудлива модна пролет во метрополата.“ - заклучува Атанасов.
Во исчекување на официјалната премиера во март, наредните денови ќе биде потврден точниот датум, локација и сите имиња кои ќе се запишат како први учесници на Скопскиот моден фестивал.