Сеавус: Иднината на работењето е хибридна

Добрата страна на пандемијата, покрај сите тешкотии кои ги зададе, е што покажа дека работењето од далечина може да биде и ефективно и ефикасно. Веднаш откако пандемијата изби, една од најголемите софтверски компании, Сеавус, го прифати работењето од далечина, одлично се приспособија и работат на овој начин скоро две години. Воведувајќи го хибридниот модел на работа, Сеавус овозможи поголема флексибилност и можност на своите вработени да ги комбинираат далечинското и работењето од канцеларија според своите работни потреби и во согласност со препораките на здравствените власти.

seavus-idninata-na-rabotenjeto-e-hibridna-01.jpg

Почетоците на далечинското работење во Сеавус

Флексибилното далечинско работење неодамна се наметна и прерасна во нов светски феномен, но за вработените во Сеавус овој модел не претставува новитет. Како компанија која вработува преку 900 професионалци во 16 канцеларии низ светот, работењето од дома беше усвоено и пред пандемијата да се појави. Оваа пракса претежно се должеше на стратешкиот пристап за работа со дистрибуирани тимови составени од разновидни членови кои од различни локации работат на исти проекти. Заради усогласување на различните временски зони, но и заради обврските на вработените, кои се разликуваа од една во друга земја, членовите на овие тимови имаа опција да работат од дома.

Во 2020 година, пандемијата на КОВИД-19 принуди многу компании да се префрлат на далечинско работење. За среќа, благодарение на веќе воспоставената пракса и добра организација, компанијата брзо се подготви, поставувајќи и заштитувајќи ги системите и процесите во сите свои канцеларии ширум светот, со цел да овозможат безбедна работа од дома. Уште на самиот почеток од светската пандемија, повеќето вработени на Сеавус можеа лесно да се префрлат на работа од дома и не мораа да доаѓаат во канцеларија. Највисок приоритет на компанијата е да се грижи за здравјето на своите вработени и да ги подржи во тешки времиња, давајќи им дополнителен мотив за работа. Во тој дух, се организираа различни неформални активности, како виртуелни спортски предизвици, онлајн часови по јога и аеробик, виртуелни дружби со готвење и коктел забави, онлајн турнири во видео игри и слично. Благодарение на добрата организација, напредните технологии и постојаната поддршка од менаџментот, вработените покажаа високо ниво на продуктивност и посветеност, и тоа со уште подобар баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот.

Како вработените гледаат на работењето од далечина?

Кон крајот на 2020 година, Сеавус спроведоа анкета за да се дознае ставот во однос на работењето од дома, модел кој веќе беше воспоставен. Повеќе од 60% од испитаниците се изјасниле дека зголемената флексибилност во организирањето на работните часови им помага подобро да го одржуваат балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот. На прашањето што им помага да ја задржат ефикасноста при работењето од далечина, повеќе од 30% ги посочиле следниве предности: безбедни услови, намалена бучава, помалку ситуации кои го одвлекуваат вниманието, како и флексибилност за подобро организирање на времето. Околу 25% од учесниците како предност го издвојуваат зголеменото ниво на лична одговорност, кое стави акцент на ефективните работни рутини и пракси, вештините за управување со времето и за планирање, работната етика, самодисциплината, посветеноста, волјата, стремежите за успех итн. Помалку од 2% изразиле желба да се вратат на работењето во канцеларија, наспроти 55% кои повеќе сакаат да работат од дома, дали постојано или барем по потреба.

Пандемијата на КОВИД-19 и карантините беа тешки за секого, но додека повеќето граѓани посакуваат сè да се врати во „нормала“, тоа не значи дека иднината вклучува враќање на традиционалниот начин на работа со физичко присуство во канцеларија. Според извештај објавен од Микрософт, преку 70% од вработените би сакале опцијата за далечинско работење да остане во некоја форма, додека 65% би сакале да поминуваат повеќе време со своите тимови во живо.

Сеавус неодамна воведе хибриден модел на работење, а за неговите силни страни, бенефити и како се одлучија за оваа промена, ни раскажува Оливера Геговска, менаџер за човечки ресурси во Сеавус.

„2020 беше несомнено една од најтрансформативните години во блиската историја. Пандемијата во голема мера ни ги промени секојдневието, работата и личните гледишта, но исто така беше и почеток за еден нов начин на работење. Кај нас префрлањето на работа од далечина се одвиваше беспрекорно бидејќи овој модел на работа го практикувавме многу години пред пандемијата. Сите процеси, стандарди и алатки неопходни за овој пристап веќе беа одамна воспоставени. Добрата комуникација е една од најбитните работи во овој процес. Затоа, го зајакнавме веќе воспоставениот транспарентен и инклузивен начин на комуникација. Можеби не можевме да се видиме во живо, но разговаравме секојдневно како никогаш претходно. За време на овие разговори, нашите вработени се изјаснија дека хибридниот модел на работа најмногу им одговара, па одлучивме да го имплементираме во целата компанија. Со тоа, на нашите вработени и на тимовите им овозможуваме флексибилност, истовремено грижејќи се клиентите и понатаму да нè гледаат како сигурен партнер во бизнисот. Ја негуваме и прошируваме оваа култура на раст, флексибилност, одговорност, делегирање надлежности, и доверба на сите нивоа во компанијата”, вели г-ѓа Геговска.

Во септември започнавте со реновирање на канцелариите во Скопје. Можете ли да ни објасните како новото уредување ќе го подржи хибридниот начин на работа? 

“Земајќи предвид дека хибридниот модел е тука за да остане, решивме да го реновираме нашиот најголем центар за развој - канцелариите во Скопје, кои нудат простор за околу 500 вработени. Новото уредување целосно ќе ги задоволи потребите на хибридното работење, нудејќи им на вработените безбедна и пријатна работна средина која ќе ја поттикне нивната креативност и ќе ги стимулира на повеќе нивоа. Ќе имаме можност да се дружиме, да организираме настани, да се фокусираме на различни пристапи за разрешување проблеми, и секогаш да им бидеме достапни на нашите клиенти.

За да создадеме ефективен работен простор соодветен за хибридниот модел на работа, им даваме приоритет на заедничките простори во кои вработените ќе можат непречено да соработуваат и разменуваат идеи. Освен тоа, сакаме да создадеме и средина со природни и еколошки елементи, да бидеме опкружени со растенија, и со тоа да ги задржиме нашите стандарди за интеракција со природата. 

Нашите нови работни простории ќе нудат модерни канцеларии и мебел кои ќе ги задоволат потребите на нашиот бизнис, а ќе бидат придружени и со многу простории за одмор. Главната цел ни е да им обезбедиме на нашите вработени сигурна и креативна средина, место кое ќе поттикне чувство на инклузивност, доверба и заедничка цел и перспектива”, потенцира г-ѓа Геговска. 

Кои се придобивките од хибридниот модел на работа?

“На страна од сите компликации и предизвици што ни ги донесе глобалната пандемија во животот и работата, таа ни ги покажа многуте придобивки на хибридниот начин на работа, како за организациите, така и за вработените. Тука спаѓаат подобрениот баланс помеѓу личниот и професионалниот живот, повеќе време за семејството и пријателите, помалку ситуации кои го одвлекуваат вниманието, а со тоа и зголемена концентрација, заштеда на време и патни трошоци, зголемена продуктивност и поголема мотивација. Хибридниот начин на работа им дозволува на вработените да си ги усогласат приватниот и професионалниот живот онака како ним им одговара. Со ова се намалува стресот и се спречува преработеноста. Постојаното работење од далечина ja намалува комуникацијата помеѓу луѓето, што може да ја наруши психичката состојба на вработените. Затоа е важно да создадеме безбедна работна средина во која тимовите ќе можат да работат заедно. 

seavus-idninata-na-rabotenjeto-e-hibridna-02.jpgОливера Геговска, менаџер за човечки ресурси во Сеавус

Хибридниот модел на работа го отсликува нашиот стремеж за пофлексибилен работен простор, кој е во најдобар интерес за компанијата и вработените. Во моментов ги реконструираме канцелариите во Скопје, кои ќе станат нашето ново место за хибридна работа и ќе ни овозможат поефективна соработка во различни работни опкружувања. 

Додека работевме од далечина, сфативме дека флексибилностa што овој модел ja нуди ја зголемува продуктивноста на вработените, а истовремено тие уживаат подобар баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот. Некои од клучните придобивки кои хибридниот модел на работа им го донесе на нашите вработени се поголема флексибилност, повеќе можности за континуирано учење, и подобрена соработка. Исто така, доведе и до зголемена продуктивност, задоволство кај вработените, подобро ментално здравје и благосостојба. Можеме со сигурност да кажеме дека можноста да изберете дали ќе работите од дома или во физички канцелариски простор е една од причините зошто хибридниот модел на работа ќе остане уште долго”, заклучува г-ѓа Геговска.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg