AdsForCharity е македонска патформа за собирање средства за најранливите групи граѓани – донирате со преглед на видео

Со AdsForCharity не донирате пари, туку само со по една минута од вашето време ќе придонесете да се соберат повеќе средства за поголем број од хуманитарните организации за најранливите категории граѓани. Сè што треба да направите е да погледнете едно кратко видео.

adsforcharity-e-makedonska-patforma-za-sobiranje-sredstva-za-najranlivite-grupi-gragjani-donirate-so-pregled-01.jpg

AdsForCharity е македонска платформа/алатка којашто можат да ја користат сите хуманитарни организации за собирање на финансиски средства на еден нов и поинаков начин.

Платформата е приватен проект/стартап и е дело на Александар Мирчевски и Иво Блажевски. Тие двајцата почнале со дизајн и изработка уште кон крајот на 2020-та година за платформата да почне со работа во летото 2021-та година.

„Во кратки црти, идејата е да се искористи потенцијалот за монетизација преку социјалните мрежи за хуманитарни цели и да се доближи можноста за донирање до што повеќе луѓе.

Во нашиот случај на нашата платформа секоја хуманитарна организација си има своја страница со информации за нивната работа и нивно видео. Секој преглед на видеото е еден вид донација“ – велат од AdsForCharity.

so-pregled-na-kratko-video-pomagate-da-se-soberat-sredstva-za-najranlivite-grupi-gragjani-so-adsforcharity-02.jpg

AdsForCharity досега има остварено контакт и соработка со неколку хуманитарни организации меѓу кои се СОС Детско Село, Љубезност, Дајте ни Крилја, Проект Среќа и Свети Спас. Инаку нема ограничување за тоа колку организации можат да ја користат алатката.

„Платформата AdsForCharity не нуди можност за директни парични донации бидејќи наша примарна цел се онлајн донациите. Донирањето онлајн преку нашата платформа е бесплатно и нуди можност на сите хумани луѓе кои имаат телефон или компјутер при рака да донираат секој ден.

Гледањето на едно видео е околу една минута и секој преглед придонесува. Ние сметаме дека секој би можел да одвои по една минута дневно за да помогне на некоја од хуманитарните организации.

Сепак оставена е можноста на секоја хуманитарна организација да си постави линк до нивната веб-страница каде што посетителите доколку сакаат ќе можат и директно да донираат финансиски средства“ – велат оттаму.

AdsForCharity како платформа би можела да поддржува и поединци на кои им е потребна финансиска помош, но, велат дека во овој момент тоа е потешко остварливо.

Оттаму се надеваат дека со добра работа и резултати во блиска иднина ќе можат да ја реализираат и таа идеја.

AdsForCharity како платформа/алатка е на самиот почеток од своето постоење и претставува сосема нов начин на собирање донации.

Покрај традиционалните донации на материјални добра и финансиски средства AdsForCharity им нуди можност на хуманитарните организации да креираат финансиски средства преку монетизација на социјалните мрежи.

„Притоа целиот процес е бесплатен и за хуманитарните организации и за луѓето кои сакаат да донираат, кои наместо да донираат финансиски средства донираат мал дел од своето време. Ние сметаме дека потенцијалот е голем и дека во иднина може да бидеме многу корисна алатка за сите хуманитарни организации“ – велат од AdsForCharity.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg