Никна и третиот пензиски парк - пензиските друштва со акција во Свети Николе
- Детали
- петок, 10 декември 2021
Денес средното училиште „Кочо Рацин“ во Свети Николе беше домаќин на претставниците на трите пензиски друштва Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје, кои во рамки на кампањата “Засади желба, за поубава иднина“ го отворија и третиот „Пензиски парк“.
Директорката на училиштето, Жаклина Милошева го отвори настанот со благодарност што токму „Кочо Рацин“ е дел од училиштата вклучени во оваа кампања:
„Почитувани, чест и задоволство ни е што токму нашето училиште е едно од четирите избрани во проектот „Засади желба, за поубава иднина“. Ова е настан од еколошко-едукативен карактер и за нас претставува голем предизвик што сме вклучени во еден ваков проект.
При тоа сакам да изразам благодарност до трите пензиски друштва бидејќи ваквите настани се одличен пример за младите генерации во однос на подигнување на еколошката свест и развивање на чувството за чиста и здрава околина. Ваквите акции на младите им даваат пример како треба да се грижиме за природата бидејќи здравата животна средина е клучна за здравјето на човекот.
Се надеваме дека во иднина ваквите проекти ќе станат традиција и притоа ќе се овозможи подобрување и возобновување на животната средина.“
По неа, на учениците им се обрати и Предраг Милошевски, Втор генерален директор и член на Управен одбор во КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје.
„Примарна цел на пензиските друштва е да им ја обезбедат иднината на своите членови преку исплата на стабилни и сигурни пензии. Но иднината не се состои само од обезбедување на материјална сигурност, туку и од тоа во каква средина ќе живееме.
Целта на оваа кампања е да се подигне свесноста кај граѓаните за пенсискиот систем, а воедно и да ја пратиме токму оваа порака за важноста на зачувување на животната средина.“ - изјави Милошевски во своето обраќање.
Со поставување на веќе препознатливиот знак „Пензиски парк“ учениците од „Кочо Рацин“ заедно со дел од вработените во пензиските друштва го одбележаа официјалното отворање на училишниот двор со нов изглед во кој беа засадени средно созреани листопадни садници, како симбол за грижата за животната средина, но и за сопствената иднина на секој од нив.
Од пензиските друштва порачуваат дека она што е потребно за во иднина е вториот и третиот пензиски столб да станат поразбирливи и поприемчиви за граѓаните, за да се формира свест и навика за долгорочно и посветено штедење кај поединците, но и кај деловните субјекти.
Сите информации и активности поврзани со кампањата „Засади желба, за поубава иднина!“ ќе бидат достапни на веб страната.