Досегашниот профит на „Макпетрол“ во 2021 година е 20 милиони евра
- Детали
- петок, 26 ноември 2021
Акционерското друштво „Макпетрол“ од Скопје во периодот од први јануари до 30 септември 2021 година оствари добивка по оданочување од 1.227,6 милиони денари, односно речиси 20 милиони евра. Ова претставува неколкукратно зголемување споредено со истиот период лани, кога профитот беше 231,2 милиони денари или околу четири милиони евра.
Зголемувањето на добивката во најголем дел е резултат на продажбата на акцијата во ГА-МА АД која се реализира на 25 август годинава преку „Македонската берза на хартии од вредност“. Со средствата од продажбата значително се подобри солвентноста на компанијата и се обезбеди значителен фонд за нови инвестиции.
- „Макпетрол“ оствари извонредно позитивен резултат што покажува дека Друштвото е во одлична состојба со очекувања истата и во следниот период да биде подобрена. Покрај добивката од продажбата на акцијата во ГА-МА, Друштвото оствари добивка од 8 милиони евра од своето редовно работење во првите три квартали од 2021 година, која е скоро дуплирана во споредба со 2020 година. Резултатите јасно покажуваат дека Друштвото успешно ја задржува својата лидерска позиција на пазарот и работи рентабилно во услови на пандемија, со тенденција на достигнување на пред-пандемските нивоа. „Макпетрол“ и во иднина ќе работи на остварување на својата долгорочна развојна стратегија со што ќе придонесе во зајакнувањето на домашната економија - истакнуваат од компанијата.
Во текот на првите три квартали од 2021 година „Макпетрол“ го продолжи силниот инвестициски циклус и вложи преку 210 милиони денари или 3,4 милиони евра, како во реконструкција така и во изградба на нови малопродажни и големопродажни објекти.
Континуираниот успех на компанијата и задржувањето на лидерската позиција децении наназад е резултат на посветеноста на вработените, кои се основната сила на „Макпетрол“. Компанијата постојано инвестира во развојот на своите вработени, како и во обезбедувањето на безбедни и здрави услови за работа. За своите заложби и инвестиции во здравјето и безбедноста на вработените, компанијата во 2021 година доби и две награди во рамки на повикот „Добри практики во областа на БЗР во 2020 година“.
Дополнително, во јули 2021 година, со одлука на Управниот Одбор, компанијата исплати регрес за годишен одмор во нето-висина од 30.000 денари, што е повисоко и од просечната исплатена нето-плата во државата.
Како општествено одговорна компанија, „Макпетрол“ во текот на 2021 година продолжи да ги подржува иницијативите кои ја зајакнуваат заедницата преку донации. Како најзначајни може да се издвојат донираните 1.000 таблет-уреди во вредност од шест милиони денари за учениците во основните училишта ширум државата, како и 1,5 милиони денари во гориво за екипите кои пожртвувано ги гаснеа пожарите во летниот период.