Bestie & Besties - Интервју со Снеже Велков: „Сега сум мајка и морам да ги едуцирам моите деца, без разлика што се машки, тие мораат да знаат за менструацијата“
- Детали
- петок, 29 ноември 2024
Здраво, драги читатели! Јас сум Bestie, вашата најдобра другарка која е секогаш тука за вас. Со dm дрогерие маркт продолжуваме да правиме позитивни промени преку проектот ‚‚Никогаш повеќе сама‘‘, кој има цел да ја подигне свеста за менструалното здравје, да ги намали табуата и да ја зголеми достапноста на хигиенските производи за сите девојки кои посетуваат настава на државните универзитети во Македонија.
Со гордост можам да ви кажам дека веќе поставивме над 220 диспанзери на сите државни факултети во земјата. Овие диспанзери ќе бидат редовно надополнувани до крајот на 2024 година и во текот на цела 2025 година, со хигиенски влошки од приватната марка Jessa. Додатно, веќе ви ја подготвив втората плејлиста на Spotify, која ќе ви даде повеќе енергија за време на менструацијата, а денес ви го подготвив и најновото интервју од оваа рубрика.
Денес, во серијалот Bestie & Besties, имам чест да разговарам со Снеже Велков – професионална ТВ водителка, инфлуенсерка и посветена PR и маркетинг менаџерка. Со неа ќе зборуваме за менструалното здравје, нејзините искуства и практични совети за секоја девојка. Ајде да ја запознаеме одблизу преку нејзините искуства, советите што ќе ги сподели со секоја од вас и поддршката што таа ја дава на вас.
Bestie: Какво беше твоето прво искуство со менструацијата? Како се снајде во тој момент?
Го паметам како нешто страшно и непријатно. Не знаев дали е срамота и дали треба да кажам дома или треба да си молчам. Да не ме караат ако кажам, ама да не ме караат ако не кажам. Па ѝ кажав на мајка ми, и знам дека многу плачев. Следуваше обука за користење на влошки и совет - отсега не си девојче...
Bestie: Кога за првпат почувствува дека треба отворено да зборуваш за менструацијата? Што те инспирираше?
Многу поотворено зборувам откако станав мајка, зашто оттогаш некако се ослободив од сите стравови и туѓи осуди, станав многу посвесна за себе и за сé што ми се случува. Сé ми стана нормално и едноставно. И сфатив, дека сега сум мајка и морам да ги едуцирам моите деца, без разлика што се машки тие мораат да знаат за менструацијата.
Bestie: Како менструацијата влијае врз твоето секојдневие како активна жена со многу обврски? Имаш ли „план Б“ за непредвидените моменти?
Кај мене оди вака - планот А е да не добијам баш кога имам некој важен настан, а Планот Б е баш тој ден да добивам. Па секогаш, Планот Б се претвара во План А. Значи, како знаеш и умееш да истераш. Нема оправдување, нема одложување, нема „ај да ми помине“, тоа е дел од животот и тоа е дел од бивањето жена. Мачно е, ти се повраќа, те боли сé, валкано е, непријатно и неудобно е, ама е женски и затоа кога ќе дојде - главата горе, влошката долу, штикла на нога и кармин на уста и трк во нови победи.
Bestie: Кои се твоите „must-have“ производи во менструалниот сет? Што секогаш носиш со себе?
Апче против болка имам секогаш, а хигиенски влошки имам секаде - во секоја чанта, во торбицата за тренинг, во автомобилот, во торбицата од велосипедот, а знам да си ставам и во торбицата од лаптопот за „не дај Боже“. Влажни марамчиња исто. Во критичните денови, редовно си носам еден пар црни резервни хеланки, тие обично стојат во кола. Сокчето од портокал ми е секогаш при рака за да ме освежи, а имам и нешто благичко за да ми ја врати енергијата. Вообичаено, во таквите моменти, со мене имам урми.
Bestie: Имаш ли некои трикови или ритуали со кои си го олеснуваш тој период од месецот, а би сакала да ги споделиш со девојките?
Кај мене функционира моментот „Немој да легнеш, немој да застанеш“. Keep moving, и немој да мислиш на тоа. Јас во тие моменти и на тренинзи одам, велосипед возам, настани водам и буквално сé правам додека имам добиено. Важно е да не мислиш и да не се фокусираш на тоа. Воопшто не го сакам терминот „оние денови“. Исти се деновите како и сите останати, само потребна е малку повеќе сила. И не мора никој да знае, не мора никој да види, не мора и не треба да биде ништо поразлично. Чудна е таа сила која се појавува барем кај мене во тие моменти.
Bestie: Што за тебе значи пораката на кампањата „Никогаш повеќе сама“? Како ја поврзуваш оваа порака со периодот кога си била студентка, твојата работа и твоето живеење?
Пораката значи поддршка, значи олеснување и ослободување. Да не му ја мислиш, има некој кој ти го чува грбот и тука е за тебе. Тоа најчесто недостига во секој сегмент од животот, па сознанието дека имаш на кого да се потпреш ти прави да си речеш „Добро е“.
Bestie: Што мислиш за поставувањето на диспанзерите со бесплатни хигиенски влошки во рамките на проектот ‚‚Никогаш повеќе сама‘‘? Како овој проект го менува секојдневието и условите за девојките додека ги следат предавањата на факултет?
Одличен општествено одговорен проект кој во исто време зрачи со грижа, свесност и совесност, но пред сé почит кон женското здравје и состојба. Менструацијата не е табу и воопшто не е нешто срамно, таа е дел од животот на секоја жена. Нема потреба влошките да се кријат во чанти или џебови, да се шепка за нив или да се срамите да побарате доколку во моментот немате. Отсега, во таквите моменти, не мора да барате. Можете да се послужите, затоа што драги студентки, вие сте заслужиле другарка како Bestie која ќе биде тука со вас и за вас.
Bestie: ‚‚Никогаш повеќе сама‘‘ носи голем број поучни информации и пораки за моите и твоите другарки - за студентките. Кои се твоите најголеми лекции од искуствата со менструацијата што би сакала да ги споделиш како порака со нив?
Сакам да го кажам следното - тоа што мислиш дека само на тебе ти се случило, веќе им се случило на многу девојки пред тебе. Си мислиш дека само ти се огледуваш во излозите за да провериш да не ти протекло? Не, има и многу други. Мислиш само ти си имаш помислено ‚‚Леле, а што ако станам и имам дамка? ‘‘. Не си сама, нé има многу. Доколку си сигурна дека само ти се прејадуваш пред да добиеш, го имам одговорот за тебе – не си сама, нé има многу. На исто сме и јас, и ти и сите ние. Ти не си била никогаш сама и нема повеќе никогаш да бидеш сама.
Снеже, ти благодарам што беше дел од серијалот Bestie & Besties и што несебично ги сподели своите искуства и пораки. Со твојата отвореност покажуваш дека менструацијата не е табу, туку нешто што сите ние можеме да го нормализираме, а искуството на секоја девојка да го поедноставиме и подобриме.
Драги другарки, запомнете дека никогаш не сте сами. Кампањата ‚‚Никогаш повеќе сама‘‘ е тука за вас со своите активности и поддршка. Ако имате приказна, совет или само сакате да разговарате, секогаш можете тоа да го направите со најблиската другарка, бидејќи сите ние сме заедно една до друга, дел од големиот круг на поддршка и позитивни промени. Преку сите овие чекори, ќе го направиме нашето општество поотворено кон важните теми како менструацијата.
И не заборавајте, во непредвидени моменти, Bestie секогаш ќе биде тука за вас. Заедно сме посилни!