Донација на НЛБ Банка за Клиниката за гинекологија и акушерство - Интраклинички транспортен систем за респираторна терапија на предвремено родени бебиња

Во месецот кога се одбележува Светскиот ден на предвремено родените бебиња, 17 ноември, Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство официјално го пушти во употреба интраклиничкиот транспортен систем за респираторна терапија на новородени, донација од НЛБ Банка, реализирана во рамките на проектот „Свет полн со добрина е свет полн со можности“.

donacija-na-nlb-banka-za-klinikata-za-ginekologija-i-akusherstvo-intraklinichki-transporten-sistem-za-respiratorna-terapija-na-predvremeno-rodeni-bebinja-01.jpg

Интраклиничкиот транспортен систем за респираторна терапија на новородени е прв и единствен на државните клиники во земјава со чија употреба значително ќе се подобрат резултатите за време на „златниот час“ - првиот час по раѓањето на новороденчето, транспортната патека и престојот во Одделението за интензивна нега при неонатолошкото одделение.

donacija-na-nlb-banka-za-klinikata-za-ginekologija-i-akusherstvo-intraklinichki-transporten-sistem-za-respiratorna-terapija-na-predvremeno-rodeni-bebinja-02.jpg

Овој медицински апарат е најнова иновација кој овозможува примена на вистинска заштитна стратегија за вентилација на белите дробови и мозокот, сè со цел да се спречат повреди на белите дробови, хемодинамски и невролошки оштетувања кај новороденчето.

„Искрена благодарност до НЛБ Банка за оваа значајна донација. Кога велам значајна, навистина мислам така бидејќи со овој апарат се обезбедува заштитна нега и средина која одговара на потребите на бебето и се зголемуваат шансите за намалување на бројот на респираторни компликации и смртни случаи кај предвремено родените бебиња.“ – истакнува Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Проф. Д-р. Ирена Алексиоска Папестиев и појаснува: „Недоносените доенчиња се особено изложени на зголемен ризик од морбидитет и морталитет поради незрелоста на нивните телесни системи. Неонаталната вентилација е важен дел од грижата што се обезбедува во единицата за неонатална интензивна нега. Но, вентилацијата на новороденчињата е значителен предизвик во периодот по реанимација до сместување во инкубатор. Интраклиничкиот транспортен систем за респираторна терапија овозможува пренос на новородените до одделението со респираторна поддршка, што е многу значајно, бидејќи иако се работи за само неколку минути, без респираторна поддршка доаѓа до респираторната инсуфициенција која е една од главните причини за неонатална смртност или можни компликации.“

donacija-na-nlb-banka-za-klinikata-za-ginekologija-i-akusherstvo-intraklinichki-transporten-sistem-za-respiratorna-terapija-na-predvremeno-rodeni-bebinja-03.jpg

Инаку, проектот „Свет полн со добрина е свет полн со можности“ во рамките на кој е и оваа донација беше реализиран како дел од голема регионална донаторска акција на НЛБ Групацијата кога беа донирани вкупно 1,35 милиони евра на сите пазари каде што е присутна Групацијата.

 donacija-na-nlb-banka-za-klinikata-za-ginekologija-i-akusherstvo-intraklinichki-transporten-sistem-za-respiratorna-terapija-na-predvremeno-rodeni-bebinja-04.jpg

„Кога велиме „Свет полн со добрина е свет полн со можности“, веруваме во можности за сите! Оваа донација им дава можност на „малите херои“ да се изборат за воздух и да зачекорат низ животот, охрабрувајќи ги нивните семејства дека има надеж. Квалитетна медицинска нега и грижа е значаен столб за одржливо здравство. Како општествено одговорна компанија, ние сме силно посветени на одржливи проекти, со посебен фокус на организации и институции од јавен карактер кои имаат витална улога и придонесуваат за добробит на заедницата, на што остануваме посветени и во иднина“. – истакнува по повод донацијата Тони Стојановски, Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка.

donacija-na-nlb-banka-za-klinikata-za-ginekologija-i-akusherstvo-intraklinichki-transporten-sistem-za-respiratorna-terapija-na-predvremeno-rodeni-bebinja-05.jpg

Светскиот ден на предвремено родените бебиња се одбележува секоја година на 17 ноември со цел да се подигне свеста за предвременото раѓање и загриженоста на нивните семејства ширум светот. Статистиките говорат дека приближно 15 милиони бебиња се раѓаат предвремено годишно, а предвременото породување е водечка причина за смрт кај децата на возраст под пет години во светот. Во Македонија е значително зголемен бројот на  прематури - предвремено родени бебиња. За илустрација, според последните информации од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, на Одделението за интензивна нега при неонатолошкото одделение голем дел од предвреме родените бебиња се екстремни прематури, родени пред 27 гестациска недела со исклучително мала родилна тежина.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg