Донаторска акција во чест на нашата прерано почината докторка Марија Бунда Калпак – семејството ја продолжува нејзината иницијатива

Измина повеќе од една година откако нè напушти Марија Бунда Калпак, младата докторка која до последен здив се бореше против канцерот на дојка.

donatorska-akcija-vo-chest-na-nashata-prerano-pochinata-doktorka-marija-bunda-kalpak-semejstvoto-ja-prodolzhuva-nejzinata-inicijativa-01.jpg

Марија беше личност која многумина ја паметат не само по нејзината стручност, туку и по нејзината насмевка, позитивна енергија и неверојатен дух, кој носеше ведрина, мотивација и инспирација да се пребродат дури и најтешките животни предизвици.

И покрај голготата низ која поминуваше, таа секогаш умееше да најде време да се сврти кон другите - да помогне, да поддржи, да едуцира, да сподели искуства. Отворено зборуваше за својата борба со надеж дека нејзиното искуство ќе мотивира други жени да се грижат за своето здравје.

Во едно интервју изјави:

„Ако мојата приказна ги поттикне жените на било која возраст да прават редовни прегледи, ќе сметам дека сум ја постигнала целта.“

donatorska-akcija-vo-chest-na-nashata-prerano-pochinata-doktorka-marija-bunda-kalpak-semejstvoto-ja-prodolzhuva-nejzinata-inicijativa-04.jpg

А постигна и многу повеќе. Марија неуморно ја истакнуваше важноста на превенцијата, почнувајќи од самопрегледи на дојките, па сè до специјализирани прегледи како ехо на дојки и мамографија.

Преку своите едукативни објави, споделуваше корисни информации за болеста и даваше поддршка на сите кои минуваат низ истиот предизвик. Нејзината храброст и отвореност инспирира многу жени повеќе да се грижат за своето здравје и да преземат мерки за рано откривање на болеста.

Затоа, во нејзина чест и со голема гордост сакаме да ја продолжиме иницијативата што ја започна и на таков начин и понатаму да продолжи да се пренесува нејзината мисија за подигнување на свесноста за ракот на дојка.

Инстаграм профилот @m_checkyourboobs ќе биде платформата каде ќе се споделуваат сите активности и настани поврзани со оваа иницијатива, како и едукативна содржина за превенција na рак на дојка. Марија беше креатор на овој интересен истовремено мотивирачки слоган кој и понатаму повикува на акција.

donatorska-akcija-vo-chest-na-nashata-prerano-pochinata-doktorka-marija-bunda-kalpak-semejstvoto-ja-prodolzhuva-nejzinata-inicijativa-03.jpg

Па така во пресрет на месец октомври – месецот посветен на борба против рак на дојка ќе организираме и донаторска акција.

Оваа акција ќе биде активна од почеток на месец октомври и ќе трае сѐ до 3 ноември - роденденот на Марија, ден кој ќе нѐ потсетува на нејзината насмевка и ведар лик, и истовремено ќе нѐ повикува да сме активни, свесни и дејствуваме во розовиот месец октомври.

Во донаторската акција ќе може да се придонесе и учествува на повеќе начини: преку платформата ecrowd.mk каде е активна кампања за донации https://ecrowd.mk/projects/ca3cc8f4-db3b-4d44-8705-506b03d180ed, преку директни донации на трансакциската сметка од здружението кое го формиравме 210-077963230154, НЛБ банка како и со повици на телефонските броеви на Телеком 143 143 и А1 143 442.

donatorska-akcija-vo-chest-na-nashata-prerano-pochinata-doktorka-marija-bunda-kalpak-semejstvoto-ja-prodolzhuva-nejzinata-inicijativa-02.jpg

Со собраните средства од спроведената акција за почеток имаме две цели и тоа: првата е да се набават ваучери од Medicus help за перики, протези и други помагала кои им се неопходни на пациентките со оваа дијагноза, кои ќе бидат донирани на Клиниката за онкологија и радиотерапија, а втората цел е со собраните средства да се обезбедат бесплатни прегледи за eхо на дојки и мамографија во дел од приватните клиники.

„Целта ми е да ја издигнам свеста за навремено откривање, па така секој еден преглед што ќе го поттикнам е голема среќа за мене” -  Марија

Нејзината цел отсега е и наша цел! Оваа иницијатива не завршува тука, ќе остане активна во тек на целата година, а секој октомври ќе одржуваме традиционална донаторска акција, со надеж дека ќе се поттикне што поголема свесност за превенција на оваа болест.

Отворени сме за сите предлози, идеи и придонеси од секој кој сака да се приклучи кон иницијативата и здружението кое го формиравме во чест на нашата Марија. Можете да нѐ контактирате на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg