За „Тиквеш“, лидерската улога е обврска за создавање услови за просперитет на целокупната винска индустрија
- Детали
- понеделник, 16 септември 2024
Нашата најстара и најголема винарница, Винарската визба „Тиквеш“, следната година одбележува 140-годишен јубилеј, што е реткост и голем успех за еден бренд да се одржи речиси еден и пол век на пазарот, притоа негувајќи го и унапредувајќи го реномето во континуитет.
Долгогодишната традиција и огромното искуство се голема придобивка и столб на кој се темели успехот на винарницата, но за да се одржи и продолжи развојот, неопходно е прилагодување на постојаните промени во деловниот свет, предвидување на трендовите и континуирано инвестирање во сите сфери од работењето. Потребна е визија, која ќе обезбеди долгорочен одржлив развој на компанијата.
Токму таква визија имаат сопствениците и менаџментот на Винарската визба „Тиквеш“, овозможувајќи во последните 20 години винарницата да доживее огромна трансформација и преку интензивни вложувања, кои надминаа 45 милиони евра, да прерасне во винарница која е на исто рамниште со најдобрите во светот.
Несомнено „Тиквеш“ е лидер во домашната винска индустрија, но и во поширокиот регион. Предводничката улога се должи на постојаните инвестиции во најсовремена опрема и технологија, во знаење и експертиза, како и во воведувањето на иновации и примена на највисоките стандарди во производството на вино. За „Тиквеш“ квалитетот е клучен, но и одржливоста, па „Тиквеш“ е првата винарница во регионот што применува прецизно лозарство и дигитални алатки базирани на вештачка интелигенција, со цел да се обезбеди подобра контрола над лозовите насади и да се заштити биодиверзитетот и животната средина. Дополнително, „Тиквеш“ е и првата винарница во регионот што воведе ЕСГ стандарди и објави ЕСГ извештај, како и отпочна процес на декарбонизација и се обврза да достигне нето-нула емисии до 2050 година.
„Тиквеш“ во континуитет спроведува активности за развој на винарството и лозарството, обезбедува поддршка и едукација на лозарите и активно работи на развој на винската култура. Компанијата овозможува професионален развој и благосостојба на своите вработени и создава вредност за локалната заедница, за партнерите и соработниците, но и за економијата во целост. Грижата за заедницата и за животната средина добија и поширока димензија со новите предизвици наметнати од климатските промени како една од најголемите закани на денешницата. Покрај зелената трансформација на винарницата, „Тиквеш“ применува и интегриран пристап во лозарството за да одговори на овие предизвици и да ја осигури својата перспективна иднина, притоа користејќи ги најголемите светски експерти во областа. На тој начин, повторно винарницата со сопствен пример го трасира патот кон одржливиот развој, ставајќи го на располагање своето знаење и искуство на сите членови на индустријата.
Својата лидерска улога компанијата ја разбира како одговорност за обезбедување одржлив развој на целокупната индустрија и на сите долж производствениот синџир, но и на поширокото опкружување. Оттука, Винарската визба „Тиквеш“ е двигател на промените и отсекогаш спроведувала активности кои ќе донесат долгорочен развој и поголема вредност. Во рамки на ваквата определба, Винарската визба „Тиквеш“ поддржува и проекти кои имаат потенцијал да придонесат за унапредување на економскиот развој на земјата, каков што е проектот Бизнис лидер, каде „Тиквеш“ е сребрен партнер.