Како да ја направиш најдобрата забава за 1 Мај во дворот?

Кај нас уште од март се прашува „каде за 1 Мај“. На овој ден најчесто сакаме да бидеме во поголем број, да ги собереме на куп старото и новото друштво, партнерите на пријателите и братучедите, а супер би било и ако во приказната влетаат и некои нови непознати лица.

kako-da-ja-napravish-najdobrata-zabava-za-1-maj-vo-dvorot-01.jpg

Традиционално правиме скара низ парковите, покрај реките, а често одиме и во викендички на планина. На овој ден сакаме да бидеме од утро до вечер во природа и да одмориме од работните обврски.

Ако сте подготвени овој 1 Мај да преземете акција и да бидете иницијаторот и организатор на најдобрата забава, тогаш следете ги точките во продолжение и со сигурност ќе си поминете супер на празникот. Организирајте забава за 1 Мај во сопствениот двор со помош на нашите идеи и совети. 

Направете детален план пред да почнете со работа

Секоја организација подразбира добар план и програма до која ќе се придржувате при организирањето на настанот. Кога се работи за првомајска забава во дворот, тогаш мора да се обрне внимание на списокот на гости, уредувањето на вашиот дом и градина, обезбедувањето реквизити, храна и пијалаци.

Сите овие точки мора внимателно да се комбинираат бидејќи не би сакале да се соочите со ситуација во која одеднаш се појавуваат премногу „падобранци“ за кои немате ниту место, ниту храна, ниту пиење. Направете список и држете се до него до завршување на забавата.

Ништо без првомајска скара

Тешко ќе добиете добра забава без вкусна храна за 1 Мај. Сето ова ќе треба да го организирате со претходно собирање средства од целата екипа, а потоа да поминете време во пазарење на намирниците.

Откако ќе се опремите со сокови, месо, грицки, алкохол и благо, не заборавајте да обезбедите и доволно чаши, чинии и салфети. За забавата да биде целосна ќе треба да организирате и првомаjска скара, а ако сакате да подготвите многу вкусни оброци што ќе бидат пофалени од целата екипа, соберете ги на куп најдобрите скараџии од друштвото, кои ги знаат малите слатки тајни, како добро приготвена маринада и како најдобро да се испече месото на чад.

Не заборавајте и да обезбедите вкусни алтернативни оброци за вегетаријанците и веганите бидејќи не сакаат сите месо за првомајските собири.

kako-da-ja-napravish-najdobrata-zabava-za-1-maj-vo-dvorot-02.jpg

Музичка еуфорија

За забавата да биде целосна ќе треба да направите добар план околу музиката. Ќе ви бидат потребни добри звучници и однапред подготвени плејлисти со различни жанрови музика, како поп, хип-хоп, електронска музика и друго, кои ќе ги задоволат вкусовите на сите присутни.

Ако имате пријател диџеј, тогаш можете да го ангажирате и да се погрижите во дворот да има танцувачка атмосфера. Оставете одреден простор да служи како подиум и бидете сигурни дека луѓето ќе танцуваат и ќе се забавуваат.

Добра идеја за 1 Мај е да организирате караоке, а за тоа ќе ви биде потребна дополнителна опрема, која можете да ја изнајмите или зајмите. Кога има караоке, гостите можат да го прикажат својот скриен музички талент што, сигурно, ќе предизвика многу забавни и емотивни моменти, а може и да ја подобри атмосферата на празникот.

Подгответе го дворот за дружење под отворено небо

Подгответе го дворот за забавата еден ден порано. Изметете го подот, реорганизирајте ги цвеќињата и направете доволно простор за целото друштво. Можете да направите необична атмосфера со тоа што ќе создадете комбинација од повеќе различни маси и столови за во двор, удобни хамок лежалки и шарени перничиња, односно простор каде што ќе има удобен простор за одмор.

Секако, во еден дел од дворот ќе треба да имате маса на која ќе ги наредите јадењата и пијалаците. Доколку собирате поголемо друштво, не мора да се грижите околу тоа дали ќе имате доволно столови за сите. Место тоа, фокусирајте се во дел од дворот да оставите простор за подиум. Така гостите нема да го поминат целиот ден само седејќи околу трпезата.

Во дворот можете да извадите и чадор за сонце, да додадете мали интересни детали по дрвјата, висечки ламби и свеќи за штом ќе зајде сонцето, расположението и забавата да продолжат длабоко во ноќта.

kako-da-ja-napravish-najdobrata-zabava-za-1-maj-vo-dvorot-03.jpg

Интерактивни активности

Дел од вашите гости, можеби, нема да уживаат во целодневна гласна музика, а некои ќе се срамат да се приклучат на караоке-еуфоријата. Затоа е добро секогаш да имате план Б и да бидете подготвени со некои игри, кои може да служат како алтернативна забава.

Набавете косилка за трева и направете совршен тревник каде што гостите ќе можат да се забавуваат со топка или фризби во тревникот, а доколку имате пикадо, можете да го закачите на некое од дрвјата и да создадете натпреварувачка атмосфера.

Доколку имате пријател што е фанатик за друштвени игри, тогаш замолете го да донесе некоја од своите омилени игри. На еден дел од дворот можете да направите мал простор за друштвени игри и да ставите карти, „Не лути се човеку“ и табла.

Со ваква добра организација, бидете сигурни дека целото друштво ќе си помине добро за 1 Мај, а најубавите моменти долго ќе се прераскажуваат. Набавете навреме скара и пијалаци, уредете го дворот, имајте добра плејлиста и неколку интересни реквизити за забава. Вака, големата веселба е загарантирана.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg