Охрид и оваа година домаќин на ракометниот камп „40х20“, бројот на учесници пополнет за рекордно време
- Детали
- среда, 20 март 2024
Квалитетот и посветеноста кои го испорачува кампот е препознаен од страна на децата и нивните родители, а организаторот најавува уште поквалитетни содржини на кампот ова лето.
Трета година по ред Охрид ќе биде домаќин на Ракометниот камп „40х20“ како дел од проектот Ракомет За Секое Дете. По успешно организираните две изданија, со квалитетни тренери од земјата и гости од странство, на почетокот на месец март стартуваше пријавувањето и подготовките за третото издание на настанот кој има предзнак ракометен, настан на кој во центарот на вниманието е спортот број еден во Македонија, но и запознавање нови другарчиња, едукација и многу забава. Ракометниот камп „40х20“, во организација на Агенцијата КМГ Спорт, ова лето од 30 Јуни до 05 Јули ќе се одржи на брегот на прекрасното Охридско езеро.
Како никогаш претходно, оваа година интересот за учество на кампот е неверојатно голем, што го потврдува рекордно краткото време за кое се пополни предвидениот број на учесници, од Македонија, но оваа година со забележителен процент на учесници од Шведска, Шпанија, Србија и Турција.
„Имајќи предвид начинот на кој беше организирано претходното издание на кампот, реакцијата и задоволството на учесниците, но и нивните родители, очекувавме дека интересот за третото ќе биде на високо ниво, но дефинитивно не можевме да претпоставиме дека за само пет дена ќе се пополни капацитетот на предвидени учесници.
Големиот интерес за овогодинешното издание го најавија родителите на децата од странство кои сакаа(т) нивните деца да бидат дел од кампот, пред се од Шведска, од каде имаме рекорден број на деца, но и од Шпанија, Србија и Турција.
Нивната култура на планирање, но и потреба со време да се резервира авионски билет, придонесува истите уште од крајот на минатата година да го најават своето учеството.“ – изјави Горан Ѓоргоноски, основач и координатор на проектот „Ракомет За Секое Дете“, чиј што дел е и ракометниот камп.
Како содржина на кампот, посебно внимание се обрнува на индивидуалниот пристап во работата со учесниците од повозрасните групи, работа во мали групи, според позиција во ракометот. Тоа го прави овој камп уникатен и многу квалитетен и продуктивен. Но, на кампот во Охрид нема само ракомет. Содржината е обемна и прилагодена на возраста на одредени групи на деца.
„Покрај квалитетната работа, индивидуалниот пристап и работата во групи, врз основа на возраста на децата, како дополнителен квалитет на самиот настан е и карактерот и посветеноста на тренерите, грижата и залагањето на истите за време на кампот во Охрид.
Ние како агенција имаме огромно искуство во организација на вакви настани, и токму затоа сме благодарни на екипата од тренери, доктори, предавачи и гости на кампот, свесни за нивните, пред се, човечки квалитети и високиот степен на одговорност која презентираат кон децата и нивните родители. На кампот имаме деца од 7-17 години, и токму затоа програмата е различна во однос на возраста.
Кај оние највозрасните (14-17 години) се работи и трипати на ден, во голема мера индивидуално, со цел отстранување на недостатоците и надградба на знаењето од ракометен, но и во однос на спортска психологија, додека со помалите категории се работи во групи од 8 до 15 деца, и покрај ракометот на менито има и доста едукативни предавања за здрав начин на живот, тимска работа, самодисциплина, но и многу натпревари, игри и секојдневно користење на базенот во комплексот на Хотел „Аквалина“ – заврши Ѓоргоноски.
Како и минатите години, пред одржување на кампот, секој учесник ќе биде детално прегледан во Клиника „Жан Митрев, нашиот медицински партнер, а на кампот за учесниците ќе се погрижат најдобрите тренери за работа со млади категории, надополнети со тренери и предавачи од странство, во однос на ракометот но и за здрав начин на живот и спортска психологија.
Тренерскиот семинар во склоп на самиот настан, наменет за тренери кои работат со млади категории, по премиерата минатата година, оваа година ќе биде надграден и збогатен.
Се гледаме во Охрид!