ГоДигитал ја започна програмата за меѓународна сертификација за консултанти за дигитална трансформација
- Детали
- вторник, 19 март 2024
Скопје - Изминатиов викенд одбележа значајна пресвртница во доменот на дигиталната трансформација во Македонија. ГоДигитал, Центарот за дигитална трансформација, во соработка со WIFI Австрија, ја започна обуката на бизнис консултанти за дигитална трансформација.
Програмата која резултира и со меѓународна сертификација има за цел да ги опреми консултантите со потребните вештини и експертиза за ефективно да ги предводат иницијативите за дигитална трансформација во микро, мали и среди компании во земјата. Со партнерство со WIFI Австрија, реномирана институција за професионален развој, ГоДигитал обезбедува сеопфатна и акредитирана програма за обука за аспиранти консултанти. На обуката која ќе се одвива во текот на еден месец, учествуваат седумнаесет врвни бизнис консултанти од Македонија кои веќе имаат одредено искуство во дигитализација на компании.
ГоДигитал е непрофитна организација основана од членовите на Македонија2025 со цел создавање на севкупен еко-систем за дигитална трансформација, почнувајќи од обука на консултанти, селекција на компании кои ќе се дигитализираат, но и финансиска поддршка преку ваучери за компаниите.
Никица Мојсоска-Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025, и Васко Кроневски, основач и извршен директор на Некстсенс, кои се ко-основачи на ГоДигитал, ги поздравија учесниците на обуката, објаснувајќи ја пионерската работа на ГоДигитал и истакнувајќи го значењето на дигиталната трансформација во денешниот брз бизнис пејзаж. Нивната визија и посветеност ги поставија основите за зајакнување на новата генерација консултанти кои се подготвени да поттикнат иновации и ефикасност низ индустриите.
Програмата за сертификација е сеопфатна и ги опфаќа клучните аспекти на дигиталната трансформација, вклучувајќи развој на стратегија, имплементација на технологија, управување со промени и многу повеќе. Учесниците ќе поминат низ ригорозни обуки, работилници и практични вежби дизајнирани да дадат практични сознанија и експертиза од реалниот свет.
Како дел од нашите континуирани напори, GoDigital е активно вклучена во изградбата на каталог на дигитални решенија и услуги прилагодени на потребите на компаниите кои го започнуваат своето патување за дигитална трансформација. Дополнително, ја олеснуваме координацијата помеѓу сертифицираните консултанти и компаниите кои сакаат да ја прифатат дигитализацијата, а со тоа го забрзуваме усвојувањето на современи пристапи и технологии.
Оваа активност е поддржана и од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ).