Мими Марковски: „Си го сакам југото повеќе од мене, прекрасна убавица е“
- Детали
- понеделник, 18 март 2024
„Нешто конкретно“ оваа недела со тема - комплекси. Како се излегува на крај со искомплексираните и дали воопшто е можно да се случи тоа? Со кого е потешко со мажите или со жените, со оние на функција или со оние кои не се баш моќни, со оние со најјака кола или со оние кои возат нешто поевтино?
Наши гости овојпат битолчани, а тие ќе одговорат дали фрустрациите доаѓаат одвнатре или некој од надвор ни ги наметнува. Михаил Мими Марковски, Владимир Дади Ивановски, Душан Кузевски и Никола Тргачевски Кумба, сите дел од „Солзи и смеа“ дојдоа со југо, а попатно имаа време да смислат песна за роденденот на водителката Снеже Велков.
Кумба смета дека комплексите се создаваат поради тоа што во неговото опкружување сѐ уште на луѓето им е многу битно што ќе каже другиот за нив. За себе смета дека нема никакви комплекси, па се пошегува дека му рекле оти чевлите му се многу грди, но тој сепак дошол во емисија со нив. Далеку со размислувањата не се ни неговите соговорници и пред се пријатели, за нив комплексот не постои, но затоа туѓите ги ловат како риби.
Оваа четворка ќе ве изнасмее со своите примери за искомплексираните ликови во нивното опкружување. Тие дури им имаат дадено надимак на таквите - Комплексо.
Душан смета дека човек што заслужил да го носи тој прекар сигурно постојано се жали за се околу себе и во ништо не може убавина да најде.
Во емисијата дознавме и дека во Битола постои патека за слепи лица „која што не завршва нигде“, рече Дади.
Мими додаде дека во истиот парк постои и велосипедска патека која е избришана. Како е избришана? Па на Градски совет ја избришале да не важи повеќе иако сѐ уште постои. Велат кога поминуваш таму се молиш подобро да те удри слепо лице отколку точак. Паркот Телевиса презента е очигледно многу интересно место за посетување во Битола.
Гледајте ја емисијата која што веќе е достапна на YouTube и уживајте со приказните на овие момци што ги изнасмеаја сите. „Нешто конкретно“ се емитува секоја недела во 17.00 часот на Телма.