Како да го освежите вашиот дом без да потрошите многу пари?
- Детали
- четврток, 29 февруари 2024
Сите имаме потреба да создадеме атмосфера на мир и спокој во домот и од него да направиме наше спокојно гнездо каде што ќе заздравиме од сѐ што носи денот. Кога сакаме да го сториме тоа, лесно може да подлегнеме на привлечните реклами за тоа како треба да се уреди домот.
Рекламите изгледаат како одлична можност, но секогаш доаѓаат со превисоки трошоци. Не мора секогаш да подлегнуваме на притисокот на претераното купување бидејќи постојат поедноставни решенија со кои може да го освежиме нашиот дом и да ја направиме посакуваната промена.
Во овој текст ќе ви дадеме неколку совети што се водат според филозофијата на фенг шуи, која претставува комплексен систем од повеќе насоки за тоа како да има проток на добра енергија во домот.
Без да навлезете во длабочината и комплексноста на фенг шуи и со користење на наједноставните совети, може да создадете една сосема нова атмосфера, која ќе влијае смирувачки на сите членови. Грижата за домот е секогаш и грижа за себе.
Расчистете и реорганизирајте го просторот
Расчистувањето на просторот во домот е клучниот начин да направите хармонична и продуктивна средина. Дури и ако одделите само половина час од денот за расчистување на домот, ќе видите како по завршувањето на тие триесетина минути во вашиот дом има сосема поинаква атмосфера.
Еден од клучните принципи на фенг шуи е дека просторот во извесна смисла е жив и на некој начин упатуваат на тоа што се случува во нашиот внатрешен свет. Нередот во надворешноста упатува на неред и пренатрупаност во нашиот ум. Чувањето стари, скршени и неупотребливи предмети упатува на тоа дека во нашата свест се држиме до некои нешта што веќе не ни се потребни. Искористете ги попустите за 8 Март и набавете нови предмети за домот.
Освен ослободување од стари предмети, можете и да го разместите мебелот и да експериментирате со нови начини на организација на просторот. Организирајте го мебелот на начин на кој во вашиот простор ќе има циркулација на енергијата.
Додајте повеќе зеленило во просторот
Доколку сакате вистинска промена во просторот, немојте да инвестирате во нов двосед или телевизор, туку упатете се кон најблиската цвеќарница. Одберете високи, бушави или каскадни растенија, а тие веднаш ќе внесат живот и свежина во просторот. Во филозофијата на фенг шуи, клучни се петте природни елементи – дрво, оган, земја, метал и вода. Овие елементи во домот ќе постигнат оптимален проток на енергија. Се смета дека елементот дрво е многу важен за секој дом. Доколку чувствувате недостиг од креативност и сила, важно е да внесете повеќе растенија.
Брзо ќе забележите дека вашите нови зелени пријатели ќе го намалат стресот и ќе ви го подобрат фокусот. Одберете растенија на кои ќе им одговара осветлувањето во вашиот дом и кои ќе се приспособат на затворениот простор. На пример, внесете висечки саксии и кошници за подобро да го искористите вертикалниот простор.
Направете темелно генерално чистење на домот
Според филозофијата на фенг шуи, неуреден или валкан дом може да го наруши протокот на енергија или познатото чи, што доведува до стагнација и нерамнотежа. Затоа, темелно чистење на домот или генерално чистење е еден од најбрзите начини да создадете хармонична атмосфера.
Чистењето ја отстранува застоената и блокираната енергија и дава можност просторот да се обнови и ревитализира. Во онлајн продавниците можете да се снабдите со средства за чистење достапни по пониски цени, па така ќе можете да се опремите со квалитетни средства што се наменети да ги светнете клучните површини во домот, односно подовите, прозорците и мебелот. Штом ќе се ослободите од напластената нечистотија, домот веднаш ќе добие ново лице.
Повеќе светлина
Повеќе светлина во домот е, можеби, најважната и најголема промена што може да ја направите за вашиот простор. Ослободете се од тешките завеси и од сѐ што го спречува протокот на природна светлина во домот.
Исчистете ги прозорците и поткастрете ги гранките на дрвјата покрај вашите прозорци за да може светлината полесно да влезе. За да ја зголемите количината светлина во домот, поставете ги огледалата во вашиот дом наспроти прозорците или на места каде што можат да ја одразуваат природната светлина.
Мебелот со огледала, исто така, може да создаде илузија дека просторот е поголем и околината посветла. Ѕидовите, таваните и подовите треба да бидат светло обоени или да имаат рефлектирачки површини, кои ќе помогнат да се засили природната светлина.
Сјајните површини создаваат илузија на отскокнувања на светлината, што создава чувство на отвореност и на циркулација во просторот.