„Професорите садат“: збогатување на дендропаркот на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ во Скопје со нови видови дрвја и грмушки

Со пригодна манифестација одржана денеска во дендропаркот во Скопје се засадија нови видови дрвја и грмушки од северната земјина хемисфера.

profesorite-sadat-zbogatuvanje-na-dendroparkot-na-fakultetot-za-shumarski-nauki-pejzazhna-arhitektura-i-ekoinzhenering-hans-em-vo-skopje-so-novi-vidovi-drvja-i-grmushki-03.jpg

Во присуство на наставниот кадар и студентите на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ во состав на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а со поддршка на Градинарски центар ФОЈА од Скопје, дендрофлората во паркот се дополни со видови кои се користат првенствено во урбаното озеленување, а потекнуваат од Северна Америка и Азија.

„Се радувам што повторно, после пандемијата, успеваме да се навратиме на оваа традиционална приредба, а денес и да го најавиме почетокот на летниот семестар.

Оваа жива збирка на дрвенести растенија ја збогатуваме со уште повеќе видови и со право ја нарекуваме глобална урбана шума, бидејќи извонредната дендрофлора и близината до центарот на градот ја прават да биде единствена во поширокиот регион.

Да, и професорите садат!“, заврши со својот пригоден говор деканот на Факултетот, проф. д-р Кирил Сотировски, едновремено искажувајќи благодарност од вработените на Факултетот и кон флорамисионерите од „Фоја“ за континуираната поддршка на мисијата на факултетот – образование засновано на наука.

profesorite-sadat-zbogatuvanje-na-dendroparkot-na-fakultetot-za-shumarski-nauki-pejzazhna-arhitektura-i-ekoinzhenering-hans-em-vo-skopje-so-novi-vidovi-drvja-i-grmushki-02.jpg

„Ни претставува особена чест и задоволство што имаме можност да помогнеме во наставно-образовните и научноистражувачките цели во високото образование.

Приватниот сектор и науката постојано треба да си даваат поддршка и тие се нераскинлив дел од патот кон успехот.

Треба сите да бидеме горди на овој дендропарк, уникатен по многу нешта. Тој навистина претставува светска градска шума“, нагласи сопственикот на „Фоја КО“, дипл. шум. инж. Ѓорѓи Самарџиев, по повод денешниот настан „Професорите садат“.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg