Мелита Ракичевиќ: „Не можам да кажам дека сум скромна кога пијам скап шампањ“
- Детали
- среда, 17 јануари 2024
Мелита Ракичевиќ, Зоки Фаци, Илина Арсова и Давид Давидовски во „Нешто конкретно“ на тема „Дали скромноста е доблест или маана“.
Познавајќи ги нашите гости и нивниот начин на живот публиката сигурно веднаш ќе пресуди дека тие се сосема нескромни, но во новото издание на нашата емисија ќе откриеме дека секој од нив има две страни, односно скромна и нескромна.
Зоран Василевски изјави дека започнал како скромно момче, но животот и работата која што ја работи го направила нескромен.
„Особено кога го открив канцерот пред две години одлучив да не бидам скромен затоа што еднаш се живее и сега животот го живеам стотка на саат“, изјави тој.
Мелита Ракичевиќ е особено горда на својата кариера затоа што иако имала можност да добие помош од дома, таа својот бизнис го отворила со сопствени пари.
Но сепак за себе вели: „Не можам да кажам дека сум скромна кога пијам скап шампањ“.
Таа од самиот Зоки Фаци во емисијата доби признание дека она е виновникот за неговата успешна кариера.
Во емисијата ќе слушнете и за тоа како Илина Арсова успева да си организира патување на кое што ќе потроши помалку пари од некој што во Скопје троши за еден викенд.
Таа е скромна во изгледот, но нексромна во амбициите, подвизите и целите.
Првата Македонка која ги искачила највисоките врвови на седумте континенти за својата скромност ќе каже дека тоа потекнува од дома, од домашното воспитување, но секако голем удел во таа скромност има и планината.
Водителот Давид Давидовски нескромно си даде признание дека е најдобар шоумен, но затоа скромно призна: „Најдобар водител не сум, имам уште многу да учам“.
За себе смета дека е „алфа мушкарац“, а не „транвестит како Боки“ како што го нарече тој.
Еднo од најзабавните изданија на „Нешто конкретно“ со Снеже Велков сега можете да го погледнете и на YouTube.