Стопанска банка ги пренамени средствата за новогодишна репрезентација за донација на гинеколошките клиники

stopanska banka gi prenameni sredstvata za novogodisna reprezentacija za donacija na ginekoloskite kliniki

Стопанска банка АД-Скопје одлучи дел од средствата наменети за новогодишна репрезентација и подароци за вработените, партнерите и соработниците, да ги пренамени за донација која ќе има големо значење за пошироката заедница.

Донацијата е наменета за двете најголеми државни гинеколошки клиники, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) и Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир.

На барање на клиниките, Стопанска банка донира т.н. столици за кенгурирање кои се наменети за подобрување на примарната грижа на предвреме родените бебиња кои престојуваат подолг период на клиниките. Овие столици се користат за таканаречена кенгурска нега на мајката, техника на згрижување на новороденчето преку директен контакт со кожата на еден од родителите додека престојува во болница. На тој начин новороденчето добива физиолошка и психолошка топлина и поврзување, при што искуствата покажуваат дека кенгурирањето полесно ја регулира телесната температура на новороденчето отколку инкубаторот.  

Донацијата на Стопанска банка е новогодишен подарок за најмладите и најкревките членови на заедницата, предвреме родените бебиња, но и за сите родители кои се исправени пред еден од најголемите предизвици во животот.

Сакаме новата година да ја започнеме со добра и позитивна мисла дека сме направиле нешто значајно за целата заедница, со надеж дека годината ќе донесе многу насмевки и ведрина. Оваа донација е наш влог во иднината, наш придонес за идните генерации и наша поддршка за семејствата на предвремено родените дечиња. Среќни сме што може да придонесеме за уште подобра нега на најкревките членови на заедницата и тоа во првите моменти од нивното раѓање, чекор кој е многу значаен во нивниот натамошен напредок – истакнуваат од Стопанска банка.

Стопанска банка останува да биде активен поддржувач на здравствениот сектор.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg