„Макпетрол“ донира новогодишни подароци за дечињата од куќата „Верна“ во СОС Детско Село
- Детали
- среда, 20 декември 2023
Децата што со згрижувачко семејство живеат во куќата „Верна“, а чијшто кум е „Макпетрол“, денес добија новогодишни подароци. Во празнично расположение, дечињата беа израдувани со различни содржини со кои што ќе можат да се забавуваат и кои што ќе им помогнат полесно да ги совладаат предизвиците во следната 2024 година.
- Општествената одговорност долги години е стратешка цел на „Макпетрол“ од повеќе причини, меѓу кои во врвот е нашата верба во заедницата и во нејзините членови. До оваа цел се придржуваме и затоа што сме убедени дека помагањето им дава поддршка на тие на кои што им е најпотребна, но и служи како поттик на сите што се вклучени во овие активности на споделување добрина. Празниците најчесто се повод за секој од нас да најде начин како да придонесе нашата заедница да се подобри, а токму тоа е нешто што како компанија го практикуваме во текот на целата година - вели Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управен одбор и директор во „Макпетрол“.
„Макпетрол“ во април стана нов стратешки партнер на СОС Детско село. Компанијата стана кум на куќата „Верна“ во која живеат четири деца и нивните згрижувачки родители. Компанијата годинава ќе донира средства за потребната финансиска поддршка на згрижувачкото семејство. За растот и развојот на четирите деца се грижи брачна двојка со повеќегодишно згрижувачко искуство.
Активностите на „Макпетрол“ за поддршка на работата на СОС Детско село е дел од платформата за општествена одговорност на компанијата, „Движиме заедно“.