„Диви и среќни“ - Прва акциона комедија на Балканот од холивудски размери
- Детали
- петок, 14 февруари 2020
Вчеравечер, во Cineplexx во Скопје се одржа гала премиера на бугарскиот филмски хит „Диви и среќни“ – акциона комедија што ги сруши рекордите на гледаност во Бугарија за 2019, а од денес е на репертоарите во македонските кина.
На примерата лично присуствуваа актерите и продуценти на филмот Јана Маринова и Александар Сано, а меѓу публиката беа нивните колеги македонци од филмската индустрија, Амбасадорот на Република Бугарија во Македонија со семејството, гости од дипломатските преставништва на Холандија и Италија, како и многу бугарски граѓани кои живеат или престојуваат во земјава.
На црвениот килим, честитки до Маринова упатија актерите од „Преспав“ како и авторите и продукцијата на серијалот.
Несомнено, „Диви и среќни“ покажа дека може да се направи квалитетен филм од такви размери и на Балканот, со многу акција, сложени каскадерски сцени, оган, автомобилски судири и хеликоптери.
„Македонската публика има ретка можност да погледне филм од регионот во кино. Затоа се радувам што обезбедивме дистрибуција на „Диви и среќни“ во Македонија.
Бидејќи филмот е неприкосновен хит веќе трети месец во киносалите низ Бугарија и Европа, сигурни сме дека ќе ви се допадне“ – изјави актерката и продуцентка Јана Маринова, или како што македонската публика ја нарекува газдарицата Преслава од Преспав.
Во следните денови, „Диви и среќни“ е на реперотарот на Cineplexx и 3D Кино Битола.