Сите скандали на српскиот избор за Евросонг: Реквизит падна врз пејач, водител си даде отказ во знак на револт
- Детали
- четврток, 27 февруари 2025
Настап со скршена нога, фаворити кои не поминаа во финале, реквизит кој падна врз пејачот неколку секунди пред неговиот настап во живо - српскиот избор на Песна за Евровизија, на кој беше и екипа од CRNOBELO.com, и годинава не помина без скандали.
На 25 и 26 февруари во Белград се одржа српскиот избор на Песна за Евровизија (ПЗЕ), на кој беше и екипа на CRNOBELO.com.
Во двете полуфинални вечери настапија 30 изведувачи, а 16 од нив се пласираа во финалето што ќе се одржи утре (28.02) и во кое ќе биде избран претставникот на Србија за Евросонг.
На сцената и зад неа, беше забавно како и во минатите години, иако општиот впечаток е дека овој пат песните се послаби од претходните.
Но, ПЗЕ ни сега не помина без скандали, а имаше неколку:
Првото изненадување беше откажувањето на водителот Славен Дошло, неколку дена пред почетокот на фестивалот, а во знак на револт.
Тој на Инстаграм напиша дека ја одбил поканата на РТС да биде водител како и лани.
„Со моменталните општествени околности, не гледам можност да ја вршам својата работа на домаќин со полн интегритет, ниту да застанам зад себе или зад самиот настан на начин кој сметам дека е исправен“ - напиша Славен, кој веќе некое време е дел од студентските протести во земјата.
Појавувањето на бендот „Harem Girls“ составен од дрег кралици ја подели јавноста, а многумина ги критикуваа организаторите што им дозволиле „на мажи во шминка“ да излезат на сцената.
Меѓу оние кои се најгласни против настапот на „Harem Girls“ е пејачката Маја Николиќ.
Таа настапи во второто полуфинале, со скршена нога и во гипс, но не влезе во финалето.