Промоција на новиот спот на Здравко Чолиќ - „Ватра и барут“
Денес во просториите на Македонски Телеком во присуство на голем број пријатели, соработници и претставници на медиумите се случи промоцијата на долгоочекуваниот видео запис за песната „Ватра и барут“, на познатиот балкански поп изведувач Здравко Чолиќ под покровителство на Македонски Телеком и Т-Мобиле.
Спотот е во продукција на Лемон маркетинг, во соработка со Томато продукција – Скопје, продуцент е Бане Поповиќ, а режијата му е доверена на Игор Иванов - Изи.
Спотот се снимаше на 6 и 7 мај на локации во Охрид и Скопје, а како главен лик, покрај Чолиќ, се појавуваат и познатиот виртуоз на гитарата Влатко Стефановски и македонскиот модел Натали Грубовиќ.
Ова музичко видео е замислено како своевидно патување низ времето и во пост-модерен манир поврзува различни локации и стилови, претставувајќи ја Македонија преку нејзиното древно наследство и денешницата. Низ појавата на Чолиќ и Стефановски се проткајува приказна, чиj фокус е љубовниот копнеж на една дама, која на крајот го пронаоѓа својот животен сопатник.
„Секогаш сме на страната на вистинските вредности, а со покровителство на спотот „Ватра и барут“ снимен на локации во Скопје и Охрид поддржавме комплетен и врвен музички продукт. Нашата идеја е преку спотот снимен на локации во Македонија, да се афирмира македонската култура на Балканот и пошироко, а со оглед на популарноста на Чолиќ и Влатко Стефановски, кој е дел од целата македонска приказна, како и квалитетот на целата екипа што работеше на спотот, ќе го постигнеме токму тоа“ – изјави Жарко Луковски, Главен извршен директор на Т-Мобиле Македонија.
Здравко Чолиќ е автор на музиката за песната „Ватра и барут“, аранжманот е на Никша Братош, а текстот на песната го напиша Марина Туцановиќ заедно со Здравко. Оваа нумера е веќе подолго време хит низ целиот Балкан и е насловната нумера на неговиот најнов албум „Ватра и барут“ чија концертна промоција ќе ја доживее во Скопје на 31 мај во спортската сала „Борис Трајковски“.
Македонски Телеком и Т-Мобиле како поддржувачи на музиката и културата преку соработката со балаканската ѕвезда Чолиќ и македонскиот тим на уметници ја препознаа можноста за промоција на македонската култура и уште еднаш ја потврдија политиката за создавање дополнителни вредности за корисниците и македонското општество воопшто.
Во продолжение, погледнете го спотот: