Откриени се пратечките вокали на Даниел Кајмакоски на Евровизија
Во очекување на 19-ти мај и првата полуфинална евровизиска вечер на која ќе настапи Даниел, веќе се откриваат сите детали.
По снимената заедничка песна во април, „Carry the flame“, која беше дел од кампањата на хуманитараната фондација Holiday Heroes во Бугарија за помош на загрозените семејства, Даниел и членовите на MERJ ќе настапуваат заедно на Евровизија.
Марк Мидлтон, Ерик Вилијамс и Џереми Хана кои се дел од американската r&b група MERJ, се музичари со 20-годишно искуство, поранешни членови на групата Blackstreet, добитници на Греми и соработиници со ѕвезди како: Витни Хјустон, Боби Браун, Ашер, Мери Џеј Блајџ и многу други.
Даниел Кајмакоски вели:
„Сè уште не можам да поверувам дека мојата најголема желба наскоро ќе стане реалност! Овие неверојатно талентирани музичари отсекогаш ми биле идоли, пораснав со нивната музика, а сега ќе настапaм со нив на Евровизиската сцена! Исполнување на сонот на секој пејач е да настапува со своите идоли!“
Во позадина на Даниел Кајмакоски и неговите пратечки вокали, ќе работи режисерот и кореограф Мојца Хорват од Словенија. Мојца има долго портфолио на работење со над 40 кореографии за драмски претстави, 6 филмови, 12 мјузикли, 8 опери, и учество во креирање на кореографија за настани како: Зимски Олимписки Игри, отворање на спортски првенства и мјузикли на Бродвеј.
„Бидејќи се работи за балада, настапот е осмислен врз основа на емоцијата на песната, креирање на одреден степен на мистерија и играње со светло”. – изјави Мојца Хорват.
За настапот да изгледа целосен, за изгледот на сцена и надвор од сцена ќе се погрижи стилистката Ивана Рабреновиќ, која ни е веќе позната од соработката со Даниел за време на шоуто Х-фактор.
Ивана исто така има големо портфолио зад себе кога станува збор за сценски настапи, особено во делот на Евровизија.
Седум години по ред Ивана е дел од делегации како официјален стилист. Рабреновиќ работеше со Тијана Дапчевиќ минатата година во Копенхаген, и секако нејзиниот најзабележителен евровизиски проект е Марија Шерифовиќ, победничката на Евровизија, 2007 година.
„Даниел и придружните вокали ќе бидат облечени во црна, бела и сива боја, со детали во некоја јака боја. Мислам дека ни една друга боја освен овие три не може подобро и поскапо да изгледаат на камера. Тоа ми е најважно, да изгледаат скапо и комотно да се чувствуваат во тоа“. – изјави Ивана Рабреновиќ.