Елена Бошбож, авторката на македонскиот роман „Сонцето под земја, кралството над него“: „Ме инспирираше македонската митологија“
„Бев инспирирана од македонската богата историја, митови и легенди. Идејата за романот дојде пополека, се формираше во моите мисли со години – лик по лик, приказна по приказна...“ - вели за CRNOBELO.com Елена Бошбож, авторката на романот „Сонцето под земја, кралството над него“. Која е младата битолчанка која успеа да креира совршен фантастичен свет?
„Сонцето под земја, кралството над него“ книга 1: „Неродениот и човекот кој не умре,“ по жанр е епска-фантастика и е прв дел од серијал, а е роман кој е инспириран од македонската митологија и легенди, како и грчката и словенската митологија.
Романот е објавен под псевдонимот Елена Бошбож, писателка од Битола (26) која е магистриран професор по англиски јазик и книжевност.
За CRNOBELO.com, Елена открива нешто повеќе за себе, а во продолжение ќе имате можност да дознаете повеќе за авторката која стои зад генијалниот роман „Сонцето под земја, кралството над него“...
„Моето работно искуство како наставник и професор по англиски јазик се состои од низа градинки, основни и средни училишта, па бев и демонстратор на Педагошкиот факултет во Битола од 2020-та до 2022-ра година.
Имам објавено неколку научно-истражувачки трудови во домашни и меѓународни публикации на теми од книжевноста и изучување на англискиот јазик како странски јазик.
Исто така, член сум на Македонското научно друштво – Битола од 2022-ра година“ – открива Елена.
Освен што пишува романи, Eлена пишува и сценарија за интерактивни игри за Аndroid и iOS уреди и за анимирани YouTube видеа.
Таа пишува на македонски и на англиски јазик. Првиот расказ на англиски јазик ѝ бил објавен во 2020-та година во американското списание „The Dark Corner Zine“, а другиот ќе биде објавен во антологијата „Dark Tales Publishing“ оваа година.
Епска фантастика е литературен жанр. Дејството во ваквите дела се случува во некој фантастичен свет кој изобилува со магија, натприродни сили, волшебни суштества и слично, а романот „Сонцето под земја, кралството над него“ ќе им се допадне на сите оние што сакаат да читаат за магични светови инспирирани од нашата локална македонска, словенска и грчка митологија.
„Желбата за осмислување и креирање фантастични светови сум ја имала отсекогаш. Поконкретно, бев инспирирана од македонската богата историја, митови и легенди. Идејата за романот дојде пополека, се формираше во моите мисли со години – лик по лик, приказна по приказна, за на крајот да имам цел свет.
Првите ликови ги смислив во 2014-та година – Токиј, еден од многуте протагонисти, и божеството Ат-ад. Но, не помислив дека некогаш ќе се најдат во роман.
Потоа, во 2018-та година кога ја имав идејата за Сончевото кралство, знаев дека домот на Токиј и Ат-ад ќе биде ова кралство. Другите ликови си дојдоа сами по себе, секој носејќи си своја приказна и борејќи се да заземе што поголем дел низ страниците на книгата“ – вели таа.
На прашањето како понатаму ќе се развива овој фантастичен свет и колку книги би можеле да очекуваме, Елена вели:
„Неродениот и човекот кој не умре“ е првиот дел од серијалот „Сонцето под земја, кралството над него.“ Според некоја проценка, кога седнав да го пишувам првиот дел имав испланирано уште две книги. Но сега, не мислам дека три дела ќе се доволно за оваа приказна.
Затоа повеќе не планирам, само си пишувам. Ако ми требаат два дела – нека се два, ако ми требаат уште пет – нека се пет. А во моментот го пишувам вториот дел и се надевам дека за година и пол, најдоцна две, ќе биде завршен.
За крај, ја прашавме младата авторка, која е нејзината тајна, односно како ја повикува нејзината муза за пишување, а таа вели:
„Музата се повикува само на еден начин, а тоа е со работа. Таа не се појавува ако ја чекаш сама да ти дојде – затоа седнувам и пишувам, а музата среќна дека работам, се појавува да помогне“.
Инаку, промоцијата на романот „Сонцето под земја, кралството над него“ се одржа на 25-ти мај годинава во „Порта Џез“ во Битола.
Промотор беше м-р Маријана Котевска-Георгиева, модератор проф. д-р Билјана Граматковски, а пред присутните извадоци читаше: Бранислав Николов (Пијан Славеј).
Б. С. Б. | Црнобело/ фото: приватна архива